Папата до Харизматската обнова: Дозволете Му на Духот да ве води кон заедништво, милосрдие и мисија
На средбата со членовите на Католичката харизматска обнова, прва од почетокот на неговиот понтификат, папата Лав XIV размислуваше за духовните темели на движењето и ги охрабри неговите членови да ги стават своите дарови во служба на целата Црква.
Папата Лав XIV во сабота, 30 мај 2026 година, во Ватикан ги прими претставниците на Католичката харизматска обнова. Поздравувајќи ги членовите на заедниците, молитвените групи и училиштата за евангелизација од целиот свет, како и водачите на CHARIS, меѓународното служебно тело на Обновата, Папата ја опиша духовната виталност на движењето како еден од даровите со кои Бог ја благословил Црквата.
Католичката харизматска обнова е основана кон крајот на 1960-тите години и денес опфаќа молитвени групи, заедници и евангелизациски иницијативи низ целиот свет.
Посебен акцент става на делувањето на Светиот Дух во животот на верниците преку молитва, богослужба, Светото Писмо и мисионерско делување. Од 2019 година различните харизими на Обновата се обединети преку CHARIS, основана од папата Фрањо за да се поттикнат заедништвото и служењето.
Размислувајќи за развојот на движењето во децениите по Вториот ватикански собор, папата Лав се потсети на благодарноста што кон него ја покажале неговите претходници.
Тој истакна дека свети Павле VI во Обновата видел одговор на растечката секуларизација на општеството, додека свети Иван Павле II го нагласил нејзиниот мисионерски поттик, а папата Бенедикт XVI го пофалил нејзиниот акцент врз даровите на Светиот Дух.
Папата потсети и на описот на папата Фрањо, кој Обновата ја нарече „струја на благодатта“ наменета за целата Црква.
Пет столба на харизматското искуство
Изразувајќи ја својата желба да се зајакне врската меѓу Петровиот Престол и светското семејство на Католичката харизматска обнова, папата Лав се осврна на пет клучни димензии на нејзиното духовно искуство: крштението во Духот, молитвата на пофалба, Божјото Слово, заедништвото и милосрдието.
Почнувајќи од крштението во Духот, тој рече дека заедничкиот пат на верата во рамките на Обновата има свој извор во „личното искуство на Светиот Дух“. Тоа искуство овозможува благодатта на Крштението да стане делотворна во животот на верниците и ги води кон подлабока свест за Божјата љубов.
Папата објасни дека преку оваа средба „Бог престанува да биде само идеја и станува вистински и врвен израз на татковството“.
Светиот Дух, рече тој, носи помирување, мир и слобода, отворајќи ги верниците за надежта и сигурноста дека ништо не може да ги одвои од Христовата љубов.
„Од ова искуство на Светиот Дух произлегува внатрешната желба да бидеме сведоци и гласници на Неговата љубов“, рече Папата, охрабрувајќи ги членовите на Обновата да им ја донесат Божјата утеха на оние што страдаат од осаменост и празнина.
Молитва обликувана од пофалба
Осврнувајќи се на молитвата, папата Лав размислуваше за местото на пофалбата и поклонението во харизматската традиција. Искуството на Светиот Дух, објасни тој, води кон поспонтан и поискрен дијалог со Бога и го отвора срцето за благодарност и обожавање.
„Поклонението и пофалбата, кои се многу карактеристични за вашите собири, се суштински аспекти на христијанската молитва“, рече тој. Папата истакна дека Обновата им помогнала на многумина повторно да ги откријат овие димензии на молитвата и да ги вратат во средиштето на христијанскиот живот.
Хранети од Светото Писмо
Папата ја истакна и важноста на Божјото Слово во животот на Обновата. Истиот Дух Кој го вдахновил Светото Писмо, рече тој, продолжува да го прави живо и делотворно во Црквата и денес.
„Затоа Светото Писмо за вас стана прекрасен извор на духовна храна што просветлува и утешува“, рече тој, додавајќи дека тоа служи како извор на расудување за секојдневните избори и ја збогатува заедничката молитва.
Единството како плод на Духот
Потоа, зборувајќи за заедништвото, папата Лав нагласи дека „Светиот Дух е изворот на заедништвото“.
Потсетувајќи на долгогодишната традиција на молитва кон Светиот Дух за христијанско единство, тој рече дека членовите на Обновата имаат посебна благодарност за улогата на Духот во градењето хармонија во Црквата и во негувањето односи со христијаните од други деноминации.
Светиот Дух, објасни тој, создава единство меѓу различните харизми и заедници на Обновата, истовремено зајакнувајќи ги врските во поширокото христијанско семејство.
Љубов изразена во милосрдие
Завршувајќи ги своите размислувања, Папата се задржа на милосрдието, опишувајќи го како еден од најјасните плодови на животот во Духот.
„Обновеното присуство на Духот разбуди во вас нова способност за љубов“, рече тој, љубов насочена кон Бога и кон ближниот, особено кон оние што страдаат.
Пофалувајќи ги многуте добротворни иницијативи што произлегле од Обновата, папата Лав ги охрабри нејзините членови да останат внимателни кон сиромашните и ранливите. „Ве поканувам да ја одржите жива оваа љубов кон сиромашните, која го открива вистинското лице Божјо“, рече тој.
Повик на понизно служење
На крајот од своето обраќање, Папата ги охрабри членовите на Обновата да ја продолжат својата мисија во Црквата.
„Ставете се во служба на вашите епархии и парохии“, ги поттикна тој. „Внимавајте никогаш да не ѝ отстапите место на желбата за самопромоција или на стремежот за моќ или личен престиж.“
Папата Лав го заврши своето обраќање со молитва Светиот Дух секогаш да биде „светлина и извор на сила“ на нивниот личен и заеднички пат.
Ватикан њуз/к.мк

