Папата до учесниците во Асизи: „Да бидеме невооружени орудија на Господовиот мир“

Папата до учесниците во Асизи: „Да бидеме невооружени орудија на Господовиот мир“

Во видеопорака упатена во вторник,, 27 октомври 2026 година до учесниците на Меѓународната средба за мир во Асизи, организирана од Заедницата „Свети Егидиј“ Лав XIV ги повика сите да бидат „невооружени орудија на Господовиот мир“. Тој нагласи дека „војната никогаш не може да се води во Божјо име“.

„Војната никогаш не може да се води во Божјо име. За нас верниците, ‘да се војува во име на религијата значи да се напаѓа самата религија’. Не постои света војна: само мирот е свет.“

Со овие силни зборови папата Лав XIV им се обрати во видеопорака на учесниците на Меѓународната средба во „Духот на Асизи“, организирана од Заедницата „Свети Егидиј“.

Темата на тридневната средба, која завршува денес во умбрискиот град во кој е роден свети Фрањо Асишки, е „Невооружен и разоружувачки мир“.

„Многу би сакал да бидам со вас“

Папата на почетокот потсети дека учесниците се во градот на свети Фрањо четириесет години по Светскиот ден на молитва за мир, одржан на 27 октомври 1986 година по иницијатива на свети папа Иван Павле II.

По таа историска средба, рече папата Лав, неговиот претходник повика да продолжиме „да го живееме Духот на Асизи“.

Папата ги поздрави организаторите, патријарсите, верските водачи и фрањевците кои активно учествуваа во деновите на молитва и дијалог.

„Многу би сакал да бидам со вас кај гробот на свети Фрањо на оваа значајна годишнина, да ги видам вашите лица и заедно да сведочиме дека веќе е можно да се живее како браќа и сестри!“

Треба да се негува „Духот на Асизи“

Токму во време обележано со „култура на моќ“, забележа папата Лав, „потребно е да се негува Духот на Асизи“, кој подразбира отфрлање на секое верско оправдување на војната, дух на посредување и дијалог, како и контемплативно размислување соединето со креативно дејствување во служба на иднината на мирот.

Во тој контекст, Светиот Отец нагласи дека мирот може повторно да стане „заеднички идеал на сите народи, ѕвезда водилка на сите наши избори, мерило што ја разоткрива неправдата и заеднички хоризонт за сите“.

„Мораме насекаде да градиме мир, а не да се подготвуваме за нови војни“, истакна тој, повторувајќи дека Божјото име никогаш не смее да се злоупотребува за оправдување на војната.

Патот што започна во Асизи како заедничка потрага по мир, објасни Папата, пред сè е „пат на молитвата“.

Молитвата може да изгледа „слаба“, но таа е скромна сила

„Молитвата може да изгледа слаба пред силите на светот“, призна папата Лав, „но таа е скромната сила на верниците“.

Затоа повика: „Да се свртиме кон Бога, Дарителот на мирот, за да ги допре срцата на оние што бараат војна и тероризам. Да не заборавиме дека молитвата никогаш не е залудна.“

Нагласувајќи дека на светот му е потребен дијалог, Папата рече дека „патот на Асизи ги повикува верските водачи да поттикнуваат клима на дијалог меѓу верниците и во општеството, така што јазикот на ароганцијата ќе отстапи место пред јазикот на мирот, преговорите и разбирањето“.

На тој начин, додаде тој, човештвото може постепено да се оддалечува од кругот на насилството.

На крајот, папата Лав изрази надеж дека „нашите молитви ќе измолат од Бога мир за народите во светот, по кој толку многу копнееме“.

Тој се помоли Господ „да нè направи невооружени орудија на Неговиот мир“.

Ватикан њузк.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот