Првиот ден од апостолското патување на папата Лав XIV во Франција заврши со молитвено бдение на кое присуствуваа околу 80.000 млади луѓе. Светиот Отец одговори на нивните прашања и ги охрабри без страв да го следат Христос.
„Стад де Франс“, најголемиот стадион во Франција, не бил сведок на ваков собир од неговото отворање во 1998 година. Со капацитет од околу 80.000 места, во петокот вечерта беше исполнет со млади од Париз и од цела Франција, собрани на молитвено бдение со папата Лав XIV.
Меѓу нив имаше млади од рурални и урбани средини, работници, студенти, млади професионалци и лица од различни општествени средини, обединети од верата и желбата да ги слушнат зборовите на Папата.
Вечерта започна со празнична програма со сведоштва, песни и уметнички изведби. Атмосферата постепено премина од радосна прослава во молитвено расположение, со изведба на Ave Maria од Качини, во која учествуваа Монро и околу 2.500 хористи.
Поздравувајќи го папата Лав XIV при неговото пристигнување, епископот Етјен Гије го опиша „Стад де Франс“ како „стадион на цела Франција“, нагласувајќи го космополитскиот, мултиетничкиот и мултикултурниот карактер на неговата епархија и на младите собрани на стадионот.
Пред Папата беа прикажани и сцени посветени на животот на бројни француски светци и блажени, меѓу кои света Тереза од Лизје, свети Шарл де Фуко, светите Луј и Зели Мартин, блажениот Фредерик Озанам, света Леони Авија, свети Пјер-Жулиен Ејмар, свети Жан-Мари Вијане, света Луиза де Марилак, свети Жан Ед, свети Жан-Батист де Ла Сал, свети Луј-Мари Грињон де Монфор, свети Бернард од Клерво и света Жермена од Пибрак.
Програмата заврши со огномет над покривот на стадионот и со силен излив на радост од младите, кои скандираа „Лео! Лео!“, а Папата им возврати со насмевка и поздрав.
Верата во мултирелигиско општество
Потоа двајца млади ги споделија своите сведоштва и му поставија прашања на Светиот Отец.
Клое, студентка по фармакологија која работи во социјално загрозени населби, го праша Папата како може да ја споделува својата вера со луѓе од други религии.
„Сите ние сме дел од оваа духовна динамика“, одговори папата Лав XIV.
Тој истакна дека е сериозен проблем тоа што многу луѓе денес се оддалечени од прашањето за Бога, но и од самото прашање за човекот.
Папата предупреди дека многумина стануваат рамнодушни кон луѓето околу себе, ги презираат сиромашните и ги отфрлаат ранливите и болните, како човечката вредност да зависи само од тоа колку некој произведува или придонесува.
Тој ја охрабри Клое да продолжи со својата работа во социјално загрозените средини.
„Токму таму, во реалноста на секојдневниот живот, понекогаш и во тешки услови, вашата вера станува живо сведоштво на надежта“, рече Папата, охрабрувајќи ја да гради братски односи и со оние што не ја споделуваат христијанската вера.
Светиот Отец ги посочи како позитивен пример и средбите меѓу младите од медитеранските земји, организирани во последните години, нарекувајќи ги знак на надеж и братство.
Храброст за посветеност
Франсоа, млад човек од рурална средина, студент по агрономија и извиднички водач, го праша Папата како да ја препознае насоката на својот живот и како верно да се посвети на својот повик.
„Посветете се на служба на мирот, кој ни помага да растеме“, одговори Светиот Отец.
Посветеноста, рече тој, може да ги преобрази „стравовите во надеж, а поплаките во одговорно ангажирање“, додека нашите рани можат да најдат утеха и исцелување.
Папата се осврна и на вознемиреноста и неизвесноста што ги чувствуваат многу млади луѓе денес: несигурноста околу иднината, кревкоста на емотивните односи и човечките врски, заморот од постојаното присуство пред екраните, климатските промени, како и загриженоста поради економската и меѓународната состојба.
„Мора внимателно да ги слушаме овие чувства“, рече папата Лав XIV, повикувајќи ги младите да ги држат срцата отворени и за страдањата на своите врсници.
Потоа им се обрати на оние што чувствуваат повик да го следат Исус преку свештенството или богопосветениот живот.
„Црквата во Франција има толку голема потреба од вас“, рече тој. „Не плашете се од овој повик!“
Пред туниката и Крстот
По одговорите на прашањата, стадионот се смири во молитва за време на почитувањето на Светата туника од Аржантеј, која за таа пригода беше донесена на „Стад де Франс“.
„Да ги погледнеме двете моштии пред нас, туниката и Крстот“, рече Светиот Отец.
Размислувајќи за овие два знака на Христовото Страдање, тој додаде:
„Крстот, орудие на смртта, станува знак на надежта.“
Туниката што му била одземена на Исус, рече Папата, потсетува на верникот кој е облечен „во бела облека, испрана во крвта на Јагнето“.
Туниката и Крстот, заклучи тој, „нè претставуваат нас, Црквата родена од Божјиот живот даруван на светот“.
„Избегнувајте, стремете се и борете се“
Во завршниот дел од своето обраќање, папата Лав XIV им понуди на младите три кратки повици: „избегнувајте, стремете се и борете се“.
Најнапред, ги повика да ги избегнуваат гордоста, суетата, насилството и алчноста, затоа што тие можат да завладеат со човекот и да го заробат.
Потоа ги охрабри да се стремат за правда, побожност, вера, милосрдие, трпение и благост, односно за доблестите што го прават човекот добар, вистинит и го водат до светоста.
Третиот повик е борбата на верата.
Според Папата, да се избегнува злото и да се тежнее кон доброто значи да се води вистинската борба на христијанинот, односно секојдневната посветеност да се живее според Евангелието како ученик на Исус.
Но таа борба, нагласи Светиот Отец, никогаш не е борба против други луѓе.
„Таа не го користи оружјето на насилството, презирот или угнетувањето. Нашето единствено оружје е љубовта што се дарува себеси“, рече тој.
Пред силите што нè оддалечуваат од Бога и оние што сакаат да ги разделат луѓето и народите, рече Папата, светлината на Светиот Дух просветлува и утешува.
На крајот, папата Лав XIV им упати повик на околу 80.000 млади собрани на „Стад де Франс“:
„Да ги избереме заедно доблестите што треба да ги развиваме за да го следиме Господ.“
Ватикан њуз/к.мк

