На молитвеното бдение со околу еден милион млади во Буенос Аирес, папата Лав XIV ги повика младите во Аргентина повторно да се приближат до Христос преку молитвата, потсетувајќи дека никогаш не е предоцна да се одговори на Божјиот повик за светост.
Папата Лав XIV во вторникот вечерта,10 ноември 2026 година, се молеше со околу еден милион млади луѓе во Буенос Аирес, главниот град на Аргентина.
Во своето обраќање Папата ги охрабри младите да му го покажат на светот огнот на Христовата љубов, кој го очистува човечкото срце и нè прави способни вистински да љубиме.
Тој потсети на настанот од Книгата на пророкот Даниел за тројцата млади момчиња кои биле фрлени во огнена печка во Вавилон затоа што одбиле да му се поклонат на идолот.
Додека целото мноштво се поклонило по наредба на царот Навуходоносор, тројцата млади останале исправени. Тие одбиле да се откажат од својата вера само за да можат мирно да продолжат со својот живот.
„Колкава слобода има во тој одговор!“, рече Папата. „Тие знаеја каква казна ги очекува, но знаеја и дека вистинската среќа можат да ја најдат само во Бога.“
Папата Лав истакна дека и денес постојат идоли пред кои човекот е искушуван да се поклони, меѓу нив порнографијата и различните зависности.
„И денес се појавуваат идоли кои бараат да им се поклониме, успехот по секоја цена, парите, опседнатоста со изгледот, популарноста или неограничената потрага по задоволство“, рече тој. „Не поклонувајте се пред ништо што не може да ви даде живот. А ако некогаш сте паднале, станете повторно. Не дозволувајте ништо и никој да ви ја одземе слободата што Бог ви ја дал.“
Потоа Папата се осврна на тоа што значи да се живее како Христов ученик, „сите кон Христос, сите со Христос, сите како Христос“.
Тој нагласи дека и човек кој долго време не се молел, се оддалечил од Црквата или чувствува дека неговиот живот е во хаос, секогаш може повторно да Му се приближи на Христос.
„Кој и да си и што и да си направил, Исус Христос те познава, Исус Христос те сака и сака да бидеш близу до Него“, рече Папата.
Потоа се наврати на прашањето што го променило животот на една од младите личности кои го споделија своето сведоштво.
„Кој ти кажа дека веќе е предоцна?“
Папата нагласи дека никогаш не е предоцна да се одговори на Божјиот повик, бидејќи никој „не паднал толку ниско што Христос не може повторно да го подигне“.
Папата Лав XIV потсети дека додека тројцата млади се наоѓале во огнената печка, еден од нив Му се обратил на Бога со молитвата „Со покајно срце и понизен дух, нека бидеме примени“.
Иако имале храброст да му се спротивстават на царот, тие истовремено ја препознавале сопствената потреба од Божјото милосрдие.
„Христос нè сака такви какви што сме, но Неговата љубов е премногу голема за да нè остави заробени во гревот и во она што нè уништува“, рече Папата. „Огнот што Тој дојде да го донесе има сила да ги скрши нашите окови и повторно да ни ја врати слободата да љубиме.“
Папата Лав ги повика младите да станат светители, луѓе кои ги носат своите слабости, но ѝ дозволуваат на Божјата благодат да го преобразува нивниот живот.
„Господ ни дава толку многу можности да бидеме како Него“, рече тој. „Нека вашите животи станат страници од Евангелието, напишани со мастилото на милосрдието, за оние што ќе ве сретнат да можат во вас да препознаат нешто од љубовта и радоста на Исус.“
За време на молитвеното бдение папата Лав ги слушна сведоштвата на неколку млади и одговори на нивните прашања.
На прашањето како да се надминат разочарувањата и личните ограничувања, Папата потсети на мислата на Свети Игнатиј Лојолски
„Постапувај како сè да зависи од тебе, знаејќи дека всушност сè зависи од Бога.“
Одговарајќи на прашање за вредноста на работата, тој потсети на скриените години од животот на Исус во Назарет, кога Синот Божји работел со Своите раце и го делел секојдневниот живот на едно семејство.
„Кога работите, учите или поминувате време со своите пријатели, правете го тоа со љубов и принесете Му го на Господ“, рече Папата. „Така и вашата работа станува молитва и пат кон светоста.“
Ватикан њуз/к.мк

