Папата до колеџот Ориел во Оксфорд: Барајте ја вистината и промовирајте интегрална антропологија
Папата Лав XIV се сретна со членови на колеџот Ориел при Универзитетот во Оксфорд и ги повика да гледаат кон свети Џон Хенри Њуман како пример за неразделната поврзаност меѓу верата и разумот.
Папата Лав XIV во петок, 4 септември 2026 година, се сретна со Проректорот за академски прашања, професорите и членовите на колеџот Ориел, еден од основачките колеџи на Универзитетот во Оксфорд, кој ја одбележува својата 700-годишнина.
Основан во 1326 година под покровителство на кралот Едвард II, официјалното име на колеџот Ориел е „Куќата на Пресвета Дева Марија во Оксфорд“. Меѓу неговите поранешни студенти се вбројува и свети Џон Хенри Њуман, како и двајца добитници на Нобеловата награда.
Во своето обраќање, Папата се осврна на „долгата и славна“ историја на колеџот и го пофали тоа што, низ многу промени и превирања во текот на времето, го зачувал својот христијански идентитет.
„Овој идентитет е клучен за она што го направило и може и понатаму да го прави Ориел не само академска институција, туку вистинска заедница на вера и знаење во нивното најдлабоко значење“, рече Папата.
Потоа папата Лав XIV го истакна сведоштвото на свети Њуман, нарекувајќи го „сјаен пример на научник кој не само во своите дела, туку уште повпечатливо во својот живот, ја покажал неразделноста на верата и разумот“.
Англискиот кардинал беше канонизиран од папата Фрањо во октомври 2019 година, а папата Лав XIV во 2025 година го прогласи за доктор на Црквата и го именуваше за созаштитник на католичкото образование, заедно со свети Тома Аквински.
„Неговите идеи беа многу конкретни“, рече папата Лав XIV, „бидејќи неговите верски убедувања беа вкоренети во личниот однос со Бога, додека неговата научна работа беше возвишена, но истовремено и исклучително практична“.
Папата го повика колеџот Ориел да ја следи визијата на свети Њуман за „христијанска формација што ја опфаќа целата личност и ја мери вредноста на образованието според човечкото достоинство, правдата и способноста да се служи на општото добро“.
Тој додаде дека овие аспекти од учењето на Њуман се особено важни во современиот свет и предизвиците со кои тој се соочува.
Папата Лав XIV го заврши своето обраќање повикувајќи ги академиците од колеџот „храбро да ја бараат вистината и да ја промовираат оваа интегрална антрополошка визија“.
„Така“, рече тој, „вашата работа навистина може да овозможи средба ‘од срце до срце’ со вашите браќа и сестри, а особено со нашиот Господ Исус Христос, Кој е патот, вистината и животот.“
Ватикан њуз/к.мк

