Папата до католиците на Блискиот Исток: Измачени од војните што ги водат моќниците, јас сум со вас

Папата до католиците на Блискиот Исток: Измачени од војните што ги водат моќниците, јас сум со вас

Папата Фрањо испрати писмо до католиците на Блискиот Исток во кое го осудува конфликтот, но пред се ја изразува својата близина со сите верници кои страдаат поради војната: „Искрата на омразата што се запали пред една година не е згасната. Срамна е неспособноста на меѓународната заедница и најмоќните земји да го замолчат оружјето и да стават крај на трагедијата на војната“. Папата истакна дека е близок со мајките, децата, раселените лица и населението во Газа, охрабрувајќи ги сите да бидат „сведоци на моќта на невооружениот мир“.

„Со вас сум…“ Со жителите на Газа, со прогонетите, со оние што побегнаа од бомбите, со мајките кои ги оплакуваат своите починати деца, со децата на кои им е украдено детството, со сите оние кои немаат глас и кои ги трпат последиците од конфликтот што … како што истакна – моќните им даваат на други да ги водат. Изразот на близина „Јас сум со вас…“, седум пати го повторува папата Фрањо во писмото што го упати до сите католици токму на, 7 октомври, на денот кога пред една година се запали искрата на омразата, со бруталниот напад на Хамас врз Израел на Блискиот Исток. На измачениот народ, изнемоштен, ранет од војна која ниту меѓународната заедница ниту најмоќните земји поради својата срамна неспособност не успеаја да ја прекинат.

Срамна неспособност да се стави крај на војната

По секојдневните телефонски повици до парохот на парохијата „Свето семејство“ во Газа, отец Габриел Романели, повикот за итен прекин на огнот на сите боишта, по молитвата Бројаница за мир во базиликата Света Марија Велика и на денот кога го прогласи Светскиот ден за молитвата и постот, папата Фрањо сакаше да направи уште еден гест на внимание со писмо во кое не штеди зборови на осуда поради неспособноста на водачите на народите да стават крај на трагедијата што се случува веќе една една година и може да опфати уште поголеми размери.

Искрата на омразата сè уште гори

Мислам на вас и се молам за вас. Сакам да допрам до вас на овој тажен ден – напиша папата Фрањо на почетокот на писмото. Веднаш потоа, неговите мисли се вратија на масакрот извршен пред една година што го поттикна израелскиот воен одговор на Палестина, како и целото насилство кое се влошуваше, а на кое бевме сведоци во последните дванаесет месеци. Пред една година се запали искра на омраза; не згасна, туку експлодира во спирала на насилство, во срамна неспособност на меѓународната заедница и најмоќните земји да го замолчат оружјето и да стават крај на трагедијата на војната – истакна Папата и додаде:

 Изгледа дека историјата ништо не нè научи. Осврнувајќи се на сегашноста, Папата додава дека крв тече, како солзи; Расте гневот, заедно со желбата за одмазда, а изгледа – истакна тој – дека малкумина се заинтересирани за она што е најпотребно и што луѓето сакаат: дијалог и мир. Светиот Отец не се изморува да повторува дека војната е пораз, дека оружјето не ја гради иднината, туку ја уништува, дека насилството никогаш не носи мир. Историјата го покажува тоа, но сепак изгледа дека годините и години на конфликти ништо не нé поучија.

Беспомошно стадо

Папата потоа ги насочи своите мисли кон сите браќа и сестри кои живеат во местата споменати во Светото Писмо, кон тоа – како што го нарече – мало беспомошно стадо, жедно за мир. Ви благодарам – напиша папата Фрањо – што сте тоа што сте, ви благодарам што сакате да останете во вашата земја, ви благодарам што знаете да се молите и да љубите и покрај сé. Вие сте семето што го сака Бог. И како што семето, навидум задушено од земјата што го покрива, секогаш знае да го најде патот нагоре, кон светлината, за да вроди со плод и да даде живот, така и вие не дозволувате да ве проголта темнината што ве опкружува, туку, засадени во вашата света земја, станувате никулци на надежта –поттикна Папата.

Светлината на верата ве води да бидете сведоци на љубовта додека се зборува за омраза, додека се шири конфликтот, додека сè оди спротивно.

Невооружен мир

Со срце на татко, Петровиот наследник потоа се сврте кон оние многу стари и денес „маченички“ Цркви. Семе на мирот во воената зима – така ги нарече, охрабрувајќи ги да бидат сведоци на силата на невооружениот мир. Денешните луѓе не знаат како да најдат мир, а ние христијаните не смееме да се измориме да го бараме од Бога. Затоа, ги повикав сите да го направиме овој ден на молитва и пост, тоа оружје на љубовта што ја менува историјата, тоа оружје што го победува нашиот единствен вистински непријател: духот на злото што поттикнува војна – истакна Папата.

Ве молам, да посветиме време на молитва и повторно да ја откриеме спасоносната сила на постот!

„Со вас сум…“

Светиот Отец во писмото пишува што чувствува во срцето: „Блиску сум до вас, со вас сум“. Затоа, неколку пати ги повтори тие зборови „Со вас сум“ за уште еднаш да ја изрази својата близина со католиците, но и со сите мажи и жени од сите вери и религии кои страдаат на Блискиот Исток поради лудилото на војната.

Со вас сум, со измачените и исцрпени жители на Газа, кои се во моите мисли и молитви секој ден. Со вас сум кои сте принудени да го напуштите вашите домови, да го напуштите училиштето и работата и да лутате во потрага по некоја дестинација за да избегате од бомбите.

Со мајките и децата

Папата фрањо особено мисли на мајките кои ги загубиле своите деца и на малите, меѓу кои некои се толку млади што не знаат ништо друго освен бомби и уништување.

Со вас сум, со мајките кои плачат гледајќи ги своите мртви или ранети деца, како што Марија гледа во Исус; со вас сум, мали кои ги населувате големите земји на Блискиот Исток, каде што сплетките на моќниците ви го одземаат правото на игра.

Жедни за мир и правда

Со вас сум, кои се плашите да погледнете нагоре, бидејќи оган паѓа од небото – пишува Римскиот бискуп. Со вас сум, кои немате глас, бидејќи многу се зборува за планови и стратегии, но малку за конкретната состојба на оние кои страдаат поради војната, на која моќниците ги принудуваат другите; сепак, на нив им се заканува непопустливото испрашување од Бога. Со вас сум, кои сте жедни за мир и правда, кои не се предавате на логиката на злото и во името на Исус, сакајте ги вашите непријатели и молете се за оние кои ве прогонуваат.

Благодарност

Од искажувањето близина, Папата потоа премина на благодарност, така што последните редови од писмото тој упатува благодарност, особено за сведоштвата дадени среде ужасот. Ви благодарам, чеда на мирот, зашто го утешувате Божјото срце, рането од човечкото зло. И благодарност до сите, низ целиот свет, кои ви помагаат. Ги молам нив, кои се грижат за Христа во вас, гладните, болните, странците, напуштените, сиромашните и во потреба, да продолжат да го прават тоа великодушно. Папата ја изрази својата благодарност до бискупите и свештениците кои ја носат Божјата утеха во човечката осаменост. Папата, исто така ги поттикна и нив да погледнат на светиот народ на кои се повикани да му служат и да дозволат да ги допрат нивните срца, откажувајќи се, од љубов кон своите верници, од секаква поделба и амбиција.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот