Бранете ги децата од Иродот на денешницата – стои во писмото на папата Фрањо кое на празникот Невини деца, 28 декември минатата година го упати до епископите, а на 2 јануари 2017 година го објави Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Во писмото Светиот Отец ги повикува епископите во срцата на христијаните да ја негуваат радоста која доаѓа од навестувањето на раѓањето на Исус Христос.
Осврнувајќи се на колежот на невините деца кој го опишува Евангелието Папата зборува за „болката на мајките кои пред тиранијата и ненаситната жед на Ирод за власт ја оплакуваат смртта на своите деца. И денес можеме да го слушаме плачот кој ни ја paспорувa душата, а кој не можеме, не сакаме да го занемариме, ниту да го замолчиме. Денес меѓу нашиот народ за жал сѐ уште се слуша воздишката и плачот на многу мајки, многу семејства заради смртта на нивните деца, нивните невини деца. Ова пак го пишувам со длабока болка – стои во писмото на Папата.
Папата Фрањо истакна дека набљудувајќи ја шталата воедно значи „да го набљудуваме тој крик на болка, да ги отвориме очите и ушите за проблемите околу нас и да дозволиме нашите срца да бидат внимателни и отворени за страдањето на нашите соседи посебно на децата.“ Исто така тоа значи дека ова тажно поглавје во историјата на спасението и денес се пишува. Да ја набљудуваме шталата, независно од светот околу нас, би направило од Божиќ прекрасна приказна која пробудува пријатни чувства, но ни ја одзема креативната моќ на Радосната вест која Овоплотеното Слово сака да ни ја даде. Искушението е реално,“ пишува Папата и додава: „Можеме ли навистина да ја искусиме христијанската радост ако ги игнорираме овие реалности? Може ли воопшто да има христијанска радост ако го игнорираме плачот на нашите браќа и сестри, плачот на децата?“
Светиот Отец пред епископите го стави примерот на свети Јосиф кој како прв бил задолжен да ја заштити радоста на спасението. „Соочен со страшните злосторства кои се случувале свети Јосиф – пример за послушен и верен човек – беше способен да го препознае Божјиот глас и мисијата која му ја дал Отецот. Бидејќи бил способен да го слушне Божјиот глас и воедно бил послушен на неговата волја свети Јосиф бил свесен за она што се случувало околу него и бил во состојба реалистично да ги протолкува овие настани“, рече Папата.
„Исто тоа – продолжи папата Фрањо – се бара од денешните пастири: да бидат внимателни, а не глуви на Божјиот глас и според тоа чувствителни на она што се случува околу нас. Да не дозволиме да ни ја одземат радоста. Повикани сме да ја заштитиме таа радост од Иродот на нашите денови. Како свети Јосиф потребна ни е храброст за да ја браниме оваа радост од Ирод на нашите денови кој ја проголтува невиноста на нашите деца. Невиноста на децата ја одзема принудната работа, проституцијата и искористувањето; невиноста им ја одземаат војните и присилното селење. Илјадници деца паднале во рацете на банди, криминални организации и „трговци на смртта“ кои само ги проголтуваат и ги искористуваат нивне потреби.“
Светиот Отец потоа наведува некои загрижувачки и застрашувачки статистички податоци. Моментално 75 милиони деца морале да го прекинат своето образование заради долготрајна кризна состојба. Во 2015 година 68% од сите злоупотребувани луѓе биле деца, а во исто време третина од децата кои живеат надвор од својата татковина биле приморани да ги напуштат своите домови. Неухранетоста придонесува повеќе од половината смртни случаи на деца до пет години. Се проценува дека 2016 година 150 милиони деца работеле, а голем број од нив живеат во робовски услови. Според најновиот извештај на УНИЦЕФ ако ништо не се промени до 2030 година, 167 милиони деца ќе живеат во крајна беда, 69 милиони деца помлади од пет години до 2030 година ќе умрат, а повеќе од 60 милиони деца на возраст за основно училиште нема да одат во училиште. (…)
„Христијанската радост се раѓа од повикот – оној ист повик кој го примил свети Јосиф – повикот да го прифатиме и браниме човечкиот живот посебно животите на светите невини во нашите денови. Божиќ е време кое нѐ поттикнува на заштита на животот, да му помогнеме да дојде на свет и да расте.“ На крајот од својата порака папата Фрањо ги поттикнува епископите да пронајдат нова храброст за да ги заштитат децата и да бидат чувствителни на она што се случува во светот околу нив.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк