На средбата со повеќе од 250 генерални поглавари кои се собраа во Рим по повод Второто заедничко собрание на УИСГ и УСГ, папата Лав XIV ги повика богопосветените мажи и жени да бидат градители на мирот, сведоци на братството и одговорни водители во поделениот свет.
Папата Лав XIV ги повика богопосветените мажи и жени да го извршуваат своето водство преку служење и љубов, претворајќи ги своите заедници во места на мир, слушање и братство.
Папата на 26 ноември во Синодалната сала во Ватикан се сретна со повеќе од 250 генерални поглавари, жени и мажи, кои се во Рим по повод Второто заедничко собрание на Меѓународната унија на генерални претпоставени – УИСГ и Унијата на генерални претпоставени – УСГ.
Собранието, кое се одржува од 25 до 27 ноември 2026 година во „Фратерна Домус“ во Сакрофано, ги собра претпоставените од целиот свет за да размислуваат на прашањето „Како би изгледал еден ‘невооружен и разоружувачки’ начин на вршење водство во нашите конгрегации?“
Во своето воведно обраќање, папата Лав им се заблагодари на учесниците и на нивните заедници и нагласи дека „на Црквата ѝ е потребен богопосветениот живот“. Тој ја истакна и мисионерската димензија на богопосветениот живот и неговиот придонес во евангелизацијата, по што следуваше спонтан дијалог со присутните.
Мирот започнува со Христос
Одговарајќи на прашањето како богопосветените лица можат да станат градители на мирот, Папата рече дека „невооружениот и разоружувачки мир“ е вкоренет во воскреснатиот Христос.
„Мирот кон кој сите тежнееме, на кој не му е потребно оружје и кој е способен да ги разоружа армиите и срцата, е Христовиот мир и Божји дар“, рече тој.
Оваа мирна револуција на Евангелието, објасни Папата, започнува со секојдневниот одговор на секој човек на Божјиот повик преку живеењето на евангелските совети, обликувајќи ги односите во богопосветените заедници, во Црквата и во општеството.
Водство преку служење и љубов
Осврнувајќи се на поделбите и тешкотиите во богопосветените заедници, папата Лав потсети на учењето на Свети Августин дека претпоставените не треба да се сметаат себеси за среќни затоа што имаат власт, туку затоа што служат со љубов.
„Ако сакаме да градиме единство, да служиме со љубов“, рече тој, повикувајќи ги претпоставените да покажуваат посебна грижа за оние кои се кревки или тешки.
Водството, рече Папата, бара отворено и трпеливо слушање и подготвеност да се страда за доброто на другите. Претпоставените треба да бидат и „прегратка што го стоплува срцето и збор што охрабрува, потсетува и поправа“.
Тој ја истакна и важноста на молитвата, потсетувајќи дека одговорноста што им е доверена на претпоставените пред сè му припаѓа на Господ.
Евангелските совети како пророчко сведоштво
Размислувајќи за богопосветениот живот во поларизираниот свет, Папата го опиша богопосветениот повик како една од најзначајните форми на пророштво што Господ му ги нуди на човештвото.
Тој ги претстави целомудрието, сиромаштвото и послушноста како средства за исцелување во општество обележано со посесивност и себичност.
„Целомудрието го ослободува срцето и го разгорува со љубов кон Бога и ближниот“, рече тој. Сиромаштвото го ослободува човекот од приврзаноста кон материјалните добра и го прави повнимателен кон потребите на другите, додека послушноста учи слободата да се стави во служба на доброто на браќата и сестрите.
Заедничкото живеење на овие совети, додаде Папата, им овозможува на богопосветените заедници да станат „светилник што го осветлува и го насочува заедничкиот пат“.
Синодалноста значи преминување од „јас“ кон „ние“
Осврнувајќи се на односот меѓу синодалноста и градењето поправеден и помирен свет, папата Лав потсети дека христијанската заедница пред сè е Божји дар и плод на Светиот Дух.
„Да се живее синодалноста значи, пред сè, заедно да се поставиме во став на слушање на Духот“, рече тој.
Богопосветените заедници, продолжи Папата, треба да бидат пример за автентична синодалност преку слушање, меѓусебно почитување и односи вкоренети во верата и средбата со Христос.
Осврнувајќи се на стремежот кон независност, самореализација и себичност, Папата рече дека богопосветениот живот ги учи луѓето да чекорат заедно и да се прифаќаат едни со други со своите дарови и ограничувања.
Тоа значи преминување „од ‘јас’ кон ‘ние’, од самостојно размислување кон заедничко размислување, од самостоен живот кон заеднички живот“.
Вештачката интелигенција во служба на човечкото достоинство
Одговарајќи на прашање за вештачката интелигенција, Папата ја опиша како ново средство чиј потенцијал сè уште е само делумно разбран. Тој рече дека богопосветените заедници можат да придонесат за нејзиниот одговорен развој преку својата духовна длабочина, љубов и понизност.
Истовремено нагласи дека богопосветениот живот треба постојано да сведочи за „единственото и неотуѓиво достоинство на човечката личност пред Создателот и пред секое друго создание или вештачко средство“.
Тој ја истакна незаменливата улога на човечката интелигенција, совеста и слободата во насочувањето на технолошките иновации и во определувањето на нивната одговорна употреба и граници.
Преку својот заеднички живот, рече Папата пред да им се заблагодари на генералните поглавари за нивната служба во Црквата, богопосветените лица можат да го потсетуваат општеството и на „важноста и убавината на бавниот, напорен и мудар пат на заедничкото чекорење“, слушајќи Го Бога за да распознаат што е најдобро за човештвото и созданието.
Ватикан њуз/к.мк

