Папата до вработените во Ватикан: Ви благодарам за вашата работа

Папата до вработените во Ватикан: Ви благодарам за вашата работа

Папата Фрањо ги прими вработените во Светиот Престол, во Управата на државата Ватикан и Римскиот викаријат за да си разменат честитки за Божиќ. Со своите должности придонесувате човештвото да се доближи до Христос, рече тој и поттикна на дијалог со одговорните во случај на проблеми. Семејството е место каде се учиме да се грижиме еден за друг, додаде Папата, препорачувајќи заедничка молитва пред Витлеемската пештера, особено во овие денови.

На 21 декември 2024 година, папата Фрањо во салата Павле VI радосно ги поздрави вработените во Светиот Престол, во Управата на државата Ватикан и Римскиот викаријат со нивните семејства, кои ги прими во аудиенција по повод божиќното честитање. Тој им изрази благодарност за работата што ја извршуваат во корист на Ватикан и општата Црква.

Тоа што го правите сигурно е многу. Поминувајќи низ улиците и дворовите на Ватикан, ходниците и канцелариите на разните дикастерии и различните места за служба, човекот има чувство како да се наоѓа во голема кошница. И сега има такви кои работат да ја овозможат оваа средба, кои не можеа да дојдат; да им кажеме благодарам!

Разговарајте во случај на тешкотии

Светиот Отец ги поттикна исто така на дијалог кога ќе се соочат со проблеми, да разговараат со претпоставените доколку има тешкотии, за да се најдат решенија.

Ако некој има одредена тешкотија, кажете им на надлежните, затоа што сакаме да ги решиме сите тешкотии, а тоа се прави со дијалог, дијалог, не со викање и не со молчење. Секогаш е добро да се разговара!

Во малата држава Ватикан со другите и за другите се гради по нешто добро за секого – посочи римскиот бискуп, потсетувајќи дека Исус, Синот Божји, работел и како скромен столарски чирак во Јосифовата школа и тоа од љубовта кон нас.

Во Назарет тоа малкумина го знаеја, речиси никој, но во столарската работилница заедно и низ многу други работи како занаетчии се градеше спасението на светот! Слично, истото важи и за вас, кои со вашата секојдневна работа, во скриените Назарети со вашите посебни задачи, придонесувате целото човештво да се приведе до Христа и да се шири неговото Царство низ светот.

Семејството – заедница во која заедно се расте во љубовта

Со своите вработени, Папата потоа размислуваше за вредноста на семејството. Изрази задоволство од празничната атмосфера и присуството на многу деца. Сакајте го семејството – поттикна – кое е втемелено и вкоренето во бракот; тоа е местото каде што се раѓа животот, а исто така и првата заедница во која од детството се среќава верата – која треба да се пренесува – и Словото Божјо, Светите Тајни. Освен тоа, во него се учиме да се грижиме едни за други и да се расте во љубовта, на сите возрасти.

Затоа, ве охрабрувам – родители, деца, баби и дедовци и внуци, бабите и дедовците имаат голема важност – ве охрабрувам секогаш да бидете сложни, блиску еден до друг и околу Господ: во почит, во слушање, во заемна грижа.

Внимание кон бабите и дедовците

Потоа, обраќајќи им се на родителите, папата Фрањо ги поттикна да си играат и да поминуваат време со своите деца, а што се однесува до бабите и дедовците, ги поттикна да не бидат запоставени.

Дали ги посетувате вашите баба и дедо? Дали бабите и дедовците се во семејството или живеат во дом за стари лица без никој да ги посети? Можеби бабите и дедовците се во дом за стари лица, но оди кај нив!

Молете се заедно во семејството

Друга препорака на Папата беше молитвата, на која треба да се посветиме заедно, особено за време на божиќните празници, да се собираме пред витлеемската пештера.

Без молитва не може да се оди напред, дури ни во семејството. Научете ги децата да се молат. Во оваа смисла, предлагам да најдете малку време овие денови да се соберете околу јаслите, да му благодариме на Бога за неговите дарови, да побарате помош од него за иднината и да ја обновите љубовта еден кон друг пред Детето Исус.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот