Во пораката до Цариградскиот патријарх Вартоломеј I по повод празникот на апостол Андреј Првоповиканиот, папата Фрањо истакна дека нивната заедничка одговорност пред актуелните предизвици произлегува од заедничката вера.
Во вторник, 30 ноември 2021 година, делегацијата на Светиот Престол, предводена од претседателот на Папскиот совет за единство на христијаните, кардинал Курт Кох, учествуваше на свечена Божествена Литургија во Патријаршиската црква Свети Ѓорѓи во Фанар (Истанбул ) по повод празникот Свети Андреј. На крајот од богослужбата, кардиналот Кох ја прочита пораката од папата Фрањо до вселенскиот патријарх Вартоломеј I. Оваа порака, како што објаснува нејзиниот автор, се должи не само на братското пријателство, „туку и на долгата и длабока поврзаност на верата и милосрдието меѓу Римската и Константинополската црква“.
Заеднички придонес во решавањето на тековните проблеми
Потсетувајќи се на неодамнешната посета на патријархот Вартоломеј I на Рим, каде што тој учествуваше на голем број меѓуверски и меѓурелигиски настани, наследникот на свети Петар рече дека средбата со него е „извор на радост“, бидејќи тие не само што можат да ги споделат своите грижи за сегашноста и за иднината на светот, но и да изразиме заедничка подготвеност да работиме на решавање на прашања кои се клучни за целиот човечки род, вклучувајќи ја грижата за создаденото, образованието на идните генерации, дијалогот меѓу различните верски традиции и градењето на мирот. „На овој начин, како пастири, ние, заедно со нашите Цркви, ја зајакнуваме длабоката врска што веќе нѐ обединува, бидејќи нашата заедничка одговорност пред актуелните предизвици произлегува од нашата заедничка вера во Бог Отецот Семоќниот, Творец на небото и земјата; во Единиот Господ Исус Христос, и во Неговиот Син, кој стана човек заради нашето спасение, кој умре и воскресна од мртвите; и во Светиот Дух, Господ и Животодател, кој ги усогласува разликите без да ги укинува“.
Единството да биде видливо
Папата Фрањо забележува дека таквата вера мора да нѐ мотивира да работиме за да го направиме видливо единството. Признавајќи дека сè уште има теолошки и црковни прашања во актуелниот теолошки дијалог, тој се надева дека „католиците и православните ќе можат да работат уште повеќе заедно во области каде што тоа не само што е можно, туку и навистина е неопходно“.
„Драг брате во Христа“, пишува Папата, „на патот кон потполното заедништво меѓу нашите Цркви, нè поддржува застапништвото на светите браќа Петар и Андреј, нашите свети патрони. Потполното заедништво кое го бараме, се разбира, е дар од Бога преку благодатта на Светиот Дух. Нека нашиот Господ ни помогне да бидеме подготвени да го прифатиме овој дар преку молитва, внатрешно преобраќање и отвореност за барање прошка и простување“.
Ватикан њуз/к.мк