Папата Лав XIV се сретна со августинците на завршетокот од нивното Генерално собрание и ги повика љубовта да ја стават во центарот на нивниот верски живот.
„Генералното собрание е драгоцена можност да се молиме заедно и да размислуваме за примениот дар, за значењето на харизмата, како и за предизвиците и тешкотиите со кои се соочува заедницата“, им рече папата Лав на августинците во понеделник 15 септември 2025 година, по завршувањето на нивниот редовен состанок.
Светиот Отец, кој и самиот е августинец, ги повика своите браќа да се огледаат во сопствениот пат на верата, потсетувајќи ги дека тоа треба да ги поттикне да продолжат да бидат „уште помотивирани и со поголем ентузијазам, во мисијата“.
Сакај го она што сакаш да бидеш
Во тој контекст, папата Лав продолжи да размислува за темата „звања и почетна формација“, потсетувајќи на зборовите на свети Августин: „Сакај го она што сакаш да бидеш“.
„Ова го сметам за драгоцен показател“, рече Папата, „особено за да се избегне грешката да се замислува верската формација како збир правила што треба да се исполнуваат, или задачи што треба да се вршат, или како готова облека што пасивно се носи“.
„Во центарот на сè е љубовта“, истакна тој.
Папата Лав додаде дека христијанскиот повик воопшто, а особено верскиот, „се раѓа само кога некој ја почувствува привлечноста кон нешто возвишено, кон љубовта што може да го нахрани и да го исполни срцето“.
Токму тоа, рече тој, треба да ги наведе августинците да се грижат младите да го препознаат својот повик и да го сакаат она што можат да станат.
Љубовта е темел за теологијата
Размислувајќи понатаму за значењето на љубовта во верскиот живот, папата Лав ги потсети августинците дека љубовта е и „темелен критериум“ за проучувањето на теологијата и интелектуалната формација. Човек не може да Го достигне Бога само со разум, туку треба да дозволи „да биде восхитен од Неговата величина“ и да го испитува сопствениот живот и надворешните настани за да ги препознае „во нив трагите на Создателот“ – и пред сè, „да Го љуби и да Го направи љубен“.
Светиот Отец ги повика браќата да „останат верни на евангелското сиромаштво и да се погрижат таа да биде критериум“ за нивниот верски живот, вклучувајќи ги „средствата и структурите, во служба на нашата апостолска мисија“.
Обнова на мисионерскиот дух
На крајот, папата Лав потсети на „мисионерскиот повик“ на августинците, вкоренет во нивната прва мисија во 16 век и низ целиот свет „со ревност и великодушност“. „Овој мисионерски дух“, рече тој, треба да остане жив, бидејќи денес е повеќе од потребен.
„Ве охрабрувам повторно да го разгорите“, продолжи папата Лав, „имајќи предвид дека евангелизациската мисија на која сме повикани бара сведоштво на едноставна и скромна радост, подготвеност за служба и учество во животот на луѓето кај кои сме испратени“.
Папата Лав ги заврши своите зборови изразувајќи надеж дека августинците ќе „продолжат со работата на Собранието во братска радост и со срца подготвени да ги прифатат поттиците на Духот“.
Потоа, уверувајќи ги во своите молитви „за љубовта Господова“ да ги просветлува нивните мисли и дела, тој ги довери на застапништвото на Пресвета Богородица и свети Августин и им го подели својот апостолски благослов.
Ватикан њуз/к.мк