По молитвата на Ангел Господов во недела 16 октомври 2022 година, Папата рече дека има многу плодови од синодалниот процес, но тие треба да созреат. Затоа и одлучи Синодата да се одржи во два дела, во октомври 2023 година и во октомври 2024 година.
Синодалното одење на Црквата е во срцето на папата Фрањо, но тој бара „да не се брза“. Ова Светиот Отец го истакна на крајот од своето пладневното обраќање на плоштадот Свети Петар, пред околу 20.000 ходочасници, потсетувајќи дека на 10 октомври минатата година започна првата фаза од XVI општо редовно собрание на Епископската синода, на тема „За синодална Црква: заедништво, учество, послание“. Оттогаш – објасни тој – првата фаза од Синодата се одвива во одредени Цркви, со слушање и расудување. Има многу плодови од започнатиот синодален процес, но за да се постигне целосно созревање, не треба да се брза.
Затоа, со цел да имаме што повеќе време за расудување, одредив оваа Синода да се одржи во два дела. Првиот дел од 4 до 29 октомври 2023 година, а вториот во октомври 2024 година. Верувам дека оваа одлука може да помогне во сфаќањето на синодалноста како конститутивна димензија на Црквата и да им помогне на сите да ја живеат во одење како браќа и сестри кои сведочат за радоста на евангелието.
Ватикан њуз/к.мк