Папата: Да ја отфрлиме желбата за моќ и да му служиме на Бог во слобода

Папата: Да ја отфрлиме желбата за моќ и да му служиме на Бог во слобода

За да му служиме на Господ мора да се чуваме од неверноста и желбата за моќ – порача папата Фрањо на светата Литургија на 8 ноември 2016 година во домот Света Марта. Папата во својата проповед говореше за тоа дека не може да се служи на Бог и на парите.

За да му служиме на Господ мора да се чуваме од неверноста и желбата за моќ – порача папата Фрањо на светата Литургија на 8 ноември 2016 година во домот Света Марта. Папата во својата проповед говореше за тоа дека не може да се служи на Бог и на парите, а порача и дека секој ученик Господов во себе постојано треба да ги повторува зборовите од денешното Евангелие „ние сме слуги негодни.“

Желбата за моќ ни пречи во служењето на Господ

Светиот Отец се запраша кои се тие пречки што ни пречат да му служиме на Господ во слобода? Смета дека постојат многу, а една од нив е желбата за моќ: „Колку пати можеби во нашите домови сме доживеале: Овде заповедам јас! Колку пати без тоа да го изговориме на другите им порачуваме: Овде одлучувам јас! Па и преку едноставни гестови, нели? Станува збор за желбата за моќ… А Исус нѐ почува дека оној кој заповеда треба да биде како оној кој служи. Или: ако некој сака да биде прв, нека на сите им биде слуга. Исус ги менува земските вредности, вредностите на светот. Желбата за моќ не е патот преку кој се станува слуга Господов, туку е пречка и тоа една од оние за кои го молиме Бог да ја отстрани од нас.

„Не“ на неверноста

Друга пречка е – продолжи Папата – исто така ја наоѓаме во животот на Црквата, а тоа е неверноста. Предупреди дека неверноста се појавува „кога некој сака да му служи на Господ, а исто така служи и на други работи кои не се Господови“:

„Господ ни кажа дека ниту еден слуга не може да им служи на двајца господари: или ќе му служиш на Бог или ќе им служиш на парите. Исус тоа јасно го кажа. И тоа е пречка – неверност. Тоа не е исто како и да се биде грешник: сите ние сме грешници, но сме се покајале за тоа. Но да се биде неверен значи да се игра двојна игра, нели? Играш и десно и лево, малку си со Бог, малку со светот. Станува збор за препреки затоа што оној кој сака моќ и кој е неверен не може истовремено да му служи на Господ во слобода,“ рече Светиот Отец.

Служењето на Бог е доброволно, му служиме како деца, а не како робови

Папата Фрањо истакна дека го натажува кога ќе види голем број луѓе кои мислат само на надворешното. На таквите луѓе им е важно само да се покажуваат и световната слава. Но и тие се заробени – рече Папата и продолжи:

„Да му се служи на Бог е доброволно. Ние сме деца, а не робови. Му служиме на Бог во мир и спокојство затоа што Тој Самиот ги отстрани пречките од нашиот пат за навистина да можеме да му служиме во слобода. Длабоко во нас чувствуваме мир и слушаме како нѐ повикува: О, дојди кај мене ти добар и верен слуго. На нас ни е потребна Неговата добрина затоа што тоа сами не можеме да го оствариме. Затоа мораме постојано да молиме од Господ милост да ги отстрани тие пречки, да ни даде спокој и мир во срцето за да му служиме во слобода; не како робови, туку како деца“ и проповедта ја заврши со следните зборови:

„Нека Господ ни помогне да ги отвориме срцата за Светиот Дух и да му дозволиме да делува, да нѐ ослободи од пречките и тоа посебно од желбата за моќ која многу боли како и неверноста, дволичноста. Нека ни го даде тој спокој, тој мир да можеме да му служиме како слободни деца кои на крајот со многу љубов ќе му кажеме: Оче ти благодарам, но ти знаеш, „бескорисен слуга сум.“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот