Христијанин е оној кој го прифаќа патот кој Исус го поминал за да нè спаси, т.е. пат на понижување – рече папа Фрањо во четврток 20 февруари 2020 година на светата Литругија во Домот на света Марта. Кога христијаните, свештениците, бискупите па и Папата не го следат тој пат, грешат – рече Папата и додаде: Молиме за милост на христијанска доследност за да не го користиме христијанството заради своја корист и промоција.
„За кого Ме мислат луѓето – Мене, Синот Човечки?“, „А вие, за кого Ме мислите?“ Тоа се прашања кои се наоѓаат во евангелието од Литургијата и кои се инспирација за проповедта на папа Фрањо. Евангелието нè учи на чекорите кои апостолите веќе ги поминале за да дознаат кој е Исус – рече Папата и истакна: Тоа се три чекори. Да го запознаеш, да го исповедиш, да го прифатиш патот кој Бог го избрал за Исус. Запознавањето на Исус е она што сите го правиме кога го земаме евангелието во рака и се обидуваме до го запознаеме Исус, кога ги носиме децата на веронаука и на света Литругија, но тоа е само првиот чекор, а вториот е да го исповедуваме Исус.
Тоа сами не можеме да го правиме – рече Светиот Отец и додаде: Во евангелието според Матеј Исус на Петар му вели: „Блажен си Ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот отец, Кој е на небесата“. Исус можеме да го исповедаме само со Божја сила, т.е. со сила на Светиот Дух. Никој не може да каже дека Исус е Господ и да го исповеда без Светиот Дух, вели свети Павле. Значи, ниту ние не можеме да го исповедаме Исус без Светиот Дух. Затоа христијанската заедница секогаш мора да бара сила од Светиот Дух за да го исповеда Исус, односно да може да каже дека Он е Бог и Божји Син.
Која е целта на Исусовиот живот, зошто дошол? – праша папа Фрањо и напомена: Да се одговори на тоа прашање значи да се направи третиот чекор на патот кон Неговото запознавање. Исус своите апостоли почнал да ги поучува дека мора да трпи, да биде убиен и потоа да воскресне. Да го исповедуваме Исус, неговата смрт и воскресение, не значи да исповедаме: „Ти си Бог“ и тука да застанеме. Не. Туку: Ти дојде заради нас, умре и воскресна за нас. Ти ни даваш живот, ни го вети Светиот Дух за да нè води. Да се исповеда Исус значи да се прифати патот кој Отецот го избра за Него, а тоа е патот на понижувањето.
Пишувајќи им на Филипјаните, Павле вели: Бог го испрати својот Син кој се одрече од себе, зеде обличје на слуга и стана послушен дури до смртта на крстот – цитираше Папата и истакна: Ако не го прифатиме Исусовиот пат на понижување кој Отецот го избрал заради откупување, не само што не сме христијани, туку го заслужуваме она што Исус му го кажал на Петар: Бегај од мене, сотоно! Сотоната добро знае дека Исус е Син Божји, но и дека Исус го отфрла неговото исповедување, како што го отфрли од себе Петар кога го одби патот кој Исус го избрал. Да се исповеда Исус значи да се прифати патот на понизност и понижување. И кога Црквата не оди по тој пат, греши и станува световна.
Кога гледаме многу добри христијани со добра волја, но кои ја мешаат верата со општествените поими доброта и пријателство, кога гледаме многу клерици кои велат дека го следат Исус, но бараат чест, патот на слава и световност, а не го бараат Исус, а се бараат себе, тие не се христијани. Велат дека се христијани, но се само по име, зашто не го прифаќаат Исусовиот пат на понижување. Кога читаме во историјата на Црквата за многу бискупи кои така живееле и за многу световни папи кои не го запознале патот на понижување и не го прифатиле, мора да научиме дека тоа не е прав пат. Молиме за милост на христијанска доследност за да не го користиме христијанството заради своја корист и промоција; молиме за милост за да го следиме Исус на Неговиот пат сè до понижувањето – заврши Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк