Папата: Да се биде милосрден е христијански стил

Папата: Да се биде милосрден е христијански стил

Не е лесно да се биде христијанин, но тоа на човекот го прави среќен.

Поаѓајќи од Евангелието за денешната Литургија (Лука 6, 27-38) папата Фрањо во проповедта која ја одржа на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 13 септември во Ватикан, повторно објасни според што се разликува христијанскиот стил, истакнувајќи дека не е лесно да се биде христијанин, но тоа човекот го прави среќен. Патот на кој нѐ насочува небесниот Отец е патот на милосрдието и внатрешниот мир. Господ секогаш преку блаженствата и делата на милосрдието ни покажува каков треба да биде животот на ученикот.

На посебен начин во центарот на денешната Литургија се четири работи кои покажуваат како треба да се живее христијански – рече Светиот Отец и истакна: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат; благословувајте ги оние што ве навредуваат; молете се за оние кои ве злоупотребуваат. Христијаните никогаш не смеат да озборуваат или навредуваат затоа што тоа само предизвикува војна, туку треба секогаш да наоѓаат време за молитва за непријатните луѓе.

Тоа е христијански стил, тоа е христијански начин на живот. Но, ако не ги правиме тие четири работи? Ако не ги љубиме непријателите, не им правиме добро на оние кои нѐ мразат, не ги благословуваме оние кои нѐ навредуваат и не се молиме за оние кои лошо се однесуваат кон нас, дали сме христијани? – праша папата Фрањо и одговори :Христијани сте затоа што сте го примиле Крштението, но не живеете како христијанин. Живеете како поганин, според духот на овој свет.

Секако лесно е да се зборува против непријателите или оние кои припаѓаат на различна страна, но христијанската логика оди против струјата и ја следи „лудоста на крстот“ – рече Папата и напомена: Нашата крајна цел е да се однесуваме како деца на небесниот Отец.

Само милосрдните личат на Бог Отецот – нагласи Светиот Отец и продолжи: Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот Отец. Тоа е патот кој оди против духот на овој свет, кој мисли спротивно и не ги обвинува другите. Бидејќи меѓу нас е големиот обвинител, оној кој постојано нѐ обвинува пред Бог за да нѐ уништи. Ѓаволот, тој е големиот тужител. Кога ја прифаќаме таа логика на обвинување, пцуење и правење зло ја прифаќаме логиката на големиот обвинител кој уништува. Тој не го познава зборот милосрдие, не знае за милосрдието, но го доживеал. Тоа е христијанското милосрдие.

Животот се одвива меѓу два повика: оној на Отецот небесен и оној на „големиот обвинител“ кој нѐ поттикнува да ги обвинуваме другите за да ги уништиме. Но, он е тој кој нѐ уништува! Не можете тоа да го правите на другите – предупреди папата Фрањо и нагласи: Не можете да ја прифаќате логиката на обвинителот. Некој би можел да каже: Но, оче мораме да обвинуваме. Да, обвинете се самите себе. Тоа ќе биде за вашето добро. Единственото обвинување кое ни е дозволено на нас христијаните е да се обвинуваме самите себе. Кон другите можеме да негуваме само милосрдие, затоа што сме деца на милосрдниот Отец – заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот