Папата на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта, на 10 декември 2019 година, одговори на прашањето кое произлегува од денешните литургиски читања: Како Господ утешува и поправа? Папата потсети дека Бог е добар пастир Кој искажува нежност на оние кои Му се приближуваат за да побараат простување и да се отворат за милоста на помирувањето.
Господ го води и го утешува својот народ, но и го поправа и казнува нежно како татко и пастир, „јагнињата ќе ги земе Он во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води дојдените “ – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта, одговарајќи на прaшањето кое произвлегува од денешната Литургија „Како Господ утешува и поправа?“ Имено, првото читање е дел од Книгата на пророкот Исаија: „Утешувајте, утешувајте го мојот народ“; Говорете му на срцето на Ерусалим, кажете му на висок глас дека ропството му е завршено, дека вината му е простена.“
Господ секогаш нѐ утешува сѐ додека дозволуваме да нѐ теши – рече Светиот Отец и објасни, Бог поправа со утеха. „Како пастир ќе го пасе Он стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Он во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води дојдените.“ Ова се зборови на нежност. Бог утешува, поправа и казнува со нежност. Откако сме погрешиле нѐ носи во раце. Господ го води својот народ, го поправа и нежно го казнува. Таа е Божјата нежност и милување. Не се работи за дидактичко и дипломатско однесување, туку за нешто што доаѓа од Неговата внатрешност и од Неговата радост кога му се приближува грешник. Таа радост го прави нежен.
Потсетувајќи на параболата за блудниот син, папата Фрањо рече дека таткото од далеку го видел синот затоа што го чекал; одел на терасата за да види дали се враќа синот. Тоа е срцето на таткото – рече Папата и додаде: Кога синот се вратил, започнал да се кае. Татко му не му дал да зборува, туку подготвил славење. Таква е Господовата нежна близина. Евангелието од денешната Литургија зборува за пастирот кој имал сто овци и една загубил. „Нема ли да ги остави оние деведесет и деветте во гората и да појде во потрага по залутаната?“ Таква е Господовата радост пред грешникот и пред нас кога му дозволуваме да ни прости и кога му се приближуваме за да ни прости. Таква е радоста која станува нежност и таа нежност нѐ утешува.
Често се жалиме на тешкотиите кои ги имаме – рече Светиот Отец и предупреди, ѓаволот сака да нѐ обземе со дух на жалост, да бидеме огорчени заради животот или заради сопствените гревови. Познавав една богопосветена личност која не знаеше ништо друго, освен да се жали, заслужи Нобелова награда за жалење. Колку пати се жалиме и мислиме дека нашите гревови и ограничувања не можат да бидат простени. Овде доаѓа Господ и ни вели: Ве утешувам, блиску сум до вас и нѐ зема нежно. Бог семоќниот кој Го создаде небото и земјата, Бог херојот така да кажеме, нашиот брат кој го прифати крстот и умре за нас, ни искажува нежност и вели: Не плачете!
Колку нежност Бог ѝ искажа на вдовицата од Наин кога и кажа: Не плачи! Бидејќи била во голема неволја, можеби пред да ѝ каже: Не плачи, бил нежен кон неа пред одарот на нејзиниот син? Мора да веруваме во таа Господова утеха, потоа доаѓа милоста на прошката. Некој ќе каже: „Оче во животот сум направил многу гревови и пропусти. Треба да му одговориме: Дозволи Господ да те утеши! Оди, биди храбар, отвори ја вратата за да ти искаже нежност. Нежноста на татко и брат ти доаѓа блиску „Како пастир ќе го пасе Он стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Он во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води дојдените“ и така утешува – заврши папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк