На Генералната аудиенција, на денот кога започнува Великиот пост, Папата упати молитва за Украина: силно се молиме на Господа за дарот на мирот. Поздравувајќи ги полските поклоници, тој потсети дека тој народ прв ја поддржал Украина, отворајќи ги своите граници, срца и врати за Украинците кои бегаат од војната.
Молитвата е плодна бразда во која треба да се сее духот на мирот дури и среде ужасите на војната. По катехезата на Генералната аудиенција во среда 2 март 2022 година, Папата се обрати до украинскиот народ, но и до оние кои им помагаат на бегалците. Посебно им се обрати на Полјаците, велејќи дека тие се првите кои и помогнале на Украина, отворајќи ги нивните граници, нивните срца и вратите од нивните домови за Украинците кои бегаат од војната. Великодушно им обезбедувате сѐ што им е потребно за да живеат достоинствено, и покрај овој драматичен момент. Длабоко сум ви благодарен и ве благословувам од сѐ срце – додаде Папата.
Потоа спомна дека неговиот поздрав на полски јазик ја прочитал фрањевец Украинец. Неговите родители моментално се наоѓаат во едно место во близина на Киев, во подземни засолништа за да се заштитат од бомби. Но, овој Фрањевец е тука со нас – истакна Папата и додаде: Придружувајќи го него, го придружуваме целиот народ, кој страда од бомбардирањето, неговите стари родители и многу други стари луѓе кои се под земја за да се заштитат. Во напите срцда да го носиме споменот на тој народ – поттикна папата Фрањо.
Да молиме за мир во целиот свет
Пост и мир се зборовите кои ги придружуваа поздравите на Папата по катехезата. Нашата молитва и пост ќе бидат молитва за мир во Украина – рече Папата поздравувајќи ги верниците од француското говорно подрачје и потсети дека мирот во светот секогаш поаѓа од нашето лично преобраќање, во следењето на Христос. На сите ви посакувам ова време на пост, кое го започнуваме денеска со молитва и пост за мир во Украина да ги доведе до радоста на воскресението нашите срца прочистени и обновени со милоста на Светиот Дух – додаде Светиот Отец, поздравувајќи ги поклониците од англиски јазик. Овој пост го започнуваме во духот на покора и молитва како би измолиле Божјо милосрдие за сите нас и мир за целиот свет – рече Папата поздравувајќи ги германските верници, притоа охрабрувајќи ги португалските верници усрдно да се молат на Господа за дарот на мир.
Народ во бегство
Според полските власти, досега од Украина во Полска влегле повеќе од 450.000 луѓе. Други земји кои беа особено посветени да му помогнат на украинскиот народ во овие драматични денови се Романија, Молдавија, Словачка и Унгарија. Каритасите на овие земји се пред сѐ го организраат прифаќањето. Најчесто доаѓаат жени, деца и постари лица. Во Полска, бискупските Каритаси ставија на располагање 2.500 кревети и активираа волонтери да им помогнат на семејствата примени во центрите подготвени од јавните власти. Католичката црква и православната црква во Романија им помагаат на бегалците уште од првиот ден на војната. Каритас отвори три центри со 500 кревети за сместување на бегалците во Република Молдавија. И Словачка прими илјадници бегалци. Жени и деца најмногу доаѓаат во Словачка – соопшти словачкото МВР – затоа што мажите на возраст од 18 до 60 години се предмет на општа мобилизација и се обврзани да останат во Украина за да се борат. Унгарската влада најави дека ќе ги прими сите бегалци кои доаѓаат од Украина.
Ватикан њуз/к.мк