На 5 февруари 2018 година папата Фрањо во Апостолската палата во Ватикан го прими претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој потоа се сретна и со Папскиот државен секретар Пиетро Паролин, придружуван од секретарот на односи со државите Паул Ричард Галагер.
Турскиот претседател беше придружуван од неговата сопруга Емине Ердоган, ќерката Езра и нејзиниот сопруг Берат Албејарак, кој воедно е и министер за енергетика и природни ресурси. Во делегацијата исто така беа и министерот за надворешни работи, министерот за економија, министерот за одбрана и министерот за Европски прашања.
За време на срдечниот разговор станало збор за билатералните односи помеѓу Светиот Престол и Турција, како и за состојбата на таа земја, католичката заедница во неа, ангажираноста околу прифаќањето на бегалците и предизвиците кои се поврзани со тоа. Потоа е разговарано и за ситуацијата на Блискиот Исток, со посебен осврт за статусот на Ерусалим, нагласувајќи ја потребата од промовирање на мирот и стабилноста во тие краишта и тоа преку пат на дијалог и преговори, почитувајќи ги човековите права и меѓународните закони.
При размената на дарови, папата Фрањо на турскиот претседател Ердоган му подари плакета со „Ангелот на мирот, кој го убива демонот на војната, симбол на еден свет, кој се темели на мирот и праведноста“. Освен плакетата со Ангелот на мирот, Папата на турскиот претседател му подари гравура од базиликата „Свети Петар“ низ вековите, примерок од енцикликата „Лаудато си“ и копија од пораката за Светскиот ден на мирот. Од својата страна турскиот претседател му подари на Папата голема слика изработена од керамички плочки, на која е насликан Истанбул и четири книги на италијански јазик од муслиманскиот теолог и мистички поет, Руми Мевлан.
РВ/к.мк