Папата го назначи Јаноне за нов префект на Дикастеријата за епископи

Папата го назначи Јаноне за нов префект на Дикастеријата за епископи

Лав XIV го назначи досегашниот префект на Дикастеријата за законодавни текстови за прв раководител на куријалното тело, кое го водеше од јануари 2023 до мај 2025 година. Кармелитскиот надбискуп ќе ја преземе службата на 15 октомври. Монтанари е потврден за секретар, а Ковач за потсекретар со мандат од пет години.

Салваторе Чернуцио – Ватикан

Тоа беше назначување што многумина очекуваа да биде меѓу првите, како што се случи со папата Бенедикт XVI и неговиот наследник во Дикастеријата за верата, Вилијам Џозеф Левада. Тоа значи назначување на „наследникот“ да ја води Дикастеријата за епископи, куријалното тело што тој самиот го раководеше од јануари 2023 година по налог на папата Фрањо, кој го премести од Перу во Рим, до мај 2025 година, односно до неговиот избор за Петровата столица. Денес, на 26 септември, папата Лав XIV го назначи надбискупот Филипо Јаноне, досегашен префект на Дикастеријата за законодавни текстови, за префект на Дикастеријата за епископи, служба што вклучува и претседателство на Папската комисија за Латинска Америка.

Секретарот и потсекретарот потврдени
Соопштението беше објавено во билтенот за печатот на Светата Столица во 12:00 часот, каде што се наведува дека Јаноне ќе ја преземе службата на 15 октомври 2025 година. Во исто време, Папата го потврди монсињор Илсон де Жезус Монтанари за секретар на истата дикастерија за нов петгодишен мандат. Бразилскиот прелат веќе служеше два последователни мандати на истата служба. Папата, исто така, го потврди монсињор Иван Ковач за потсекретар со мандат од пет години.

Назначувањето на монсињор Јаноне е првото назначување на августинскиот Папа за раководител на дикастерија. Претходно, единственото назначување на највисока позиција во едно тело на Римската курија беше на 22 мај – само неколку дена по неговиот избор – кога сестра Тицијана Мерлети, калуѓерка од Институтот на францисканските сестри на сиромашните, беше назначена за секретар на Дикастеријата за институти на посветен живот и апостолски друштва.

Правник и канонист
Надбискупот Јаноне ќе наполни шеесет и осум години на 13 декември. Роден е во Неапол, кармелит, правник и канонист, со богато искуство во судовите, папските универзитети и во надбискупијата. Во Рим извршувал различни служби, меѓу кои: член на Врховниот трибунал на Апостолската сигнатура, консултант на тогашната Конгрегација за институти на посветен живот, член на Советот за правни работи на Италијанската епископска конференција (CEI), претседател на Комитетот за верски добра и член на Епископската конференција на Лацио. Во 2012 година беше назначен од Бенедикт XVI за намесник на Римската епархија; папата Фрањо во 2017 година го премести од оваа пастирска служба на местото заменик-секретар на Папскиот совет за законодавни текстови. Следната година, на 7 април 2018 година, беше назначен за претседател на истиот совет.

Задачата за избор на епископи во светот
Сега ја презема задачата да продолжи со работата што идниот Папа ја извршуваше две години. Префектот на Дикастеријата за епископи има деликатна задача: да му помага на Папата при изборот на пастири на кои ќе им ги довери црковните заедници во различни територии. Кога ќе се идентификуваат свештениците предложени за епископат, конечната одлука ја носи Папата. За да придонесе во оваа мисија, папата Фрањо во јули 2022 година назначи три жени за членови на Дикастеријата за епископи: сестра Рафаела Петрини, сегашна претседателка на Губернаторатот на Државата Ватикан; Ивон Реунгоат, поранешна генерална настојничка на Ќерките на Марија Помошничка; и Марија Лија Зервино, поранешна претседателка на Светската унија на католички женски организации (WUFC).

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот