Папата ги прогласи за светци Павле VI и епископот Ромеро

Папата ги прогласи за светци Павле VI  и епископот Ромеро

Црквата има седум нови светци меѓу кои е папата Павле VI и епископот Ромеро. Во проповедта на светата Литургија која ја служеше на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо ги поттикна верниците да го наследуваат Исус без млакост и пресметки, токму онака како што тоа го правеле новите светци.

Новите светци имале радосно срце кое денес толку е потребно – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија во текот на која за светци прогласи седум блажени, меѓу кои и папата Павле VI. Кардиналот Анџело Бекиу префект на Конгрегацијата за прогласување на светци, пред Папата и пред 70 000 верници собрани на плоштадот Свети Петар потсети на најважниот период од животот на новите светци, започнувајќи од Павле VI кој за блажен го прогласи токму папата Фрањо, како и монс. Ромеро кој секогаш бил на страната на сиромашните и маргинализираните. Токму таа негова одлука ја поттикнала пресудата на паравоените групи кои го убиле.

Кардиналот потоа зборуваше за дон Франческо Спинели основач на конгрегацијата на Сестрите кои ја обожаваат Пресветата Евхаристија, и за свештникот Винченцо Романо кој бил душата на материјалната и духовната обнова на заедницата во градот Торе дел Греко, после ерупцијата на вулканот Везув во 1794 година. Послебно внимание посветувал на последните и воспитувањето на младите.

Марија Катарина Каспер основачка на братството кое подоцна се развива во монашката дружба Сиромашни служителки на Исус Христос за блажена ја прогласи папата Павле VI – рече кардиналот Бекиу и се осврна на животот на преостанатите двајца нови светци. Назариа Игнациа од Света Тереза од Исус Мар Меса ја основа конгрегацијата на Сестрите мисионерки на Крстот на Црквата, додека Нунцио Сулприцио беше пример за младите, како што за него кажа папата Леон XIII кој ги призна неговите херојски добродетели.

Живо, делотворно и остро Божјо Слово

Во проповедта мислите на Папата тргнаа од второто литургиско читање, земено од Посланието до Евреите. Живо, делотворно и продорно Слово зборува на нашите срца – рече папата Фрањо – и повика да не се размислува со логиката на светот – за вечниот живот како наследство кое треба да го добиеме, туку кое треба да го постигнеме со дарувањето на себе, односно од делувањето за себе да преминеме на живот со Него.

Евангелието пак нѐ повикува на средба со Господ преку примерот на оној „некој“ кој дотрчал до Исус клекнал пред Него и го прашал што да направи за да наследи живот вечен. Можеме да се поистоветиме со тој човек чие име не се спомнува, речиси како да се сака да се покаже дека тој го претставува секој од нас – рече Папата. Исусовиот одговор го изненадува. Му предлага „остар“ живот. Продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, а потоа дојди и врви по Мене!

Дојди, не стој, затоа што не е доволно да не се прави зло за да бидеме Исусови – рече Папата. Следи ме; не оди по Исус само кога си расположен за тоа, туку барај го секој ден; не се задоволувај со тоа да ги почитуваш заповедите, да дадеш нешто милостиња и да измолиш некоја молитва. Пронајди Го во него Бог Кој те љуби, пронајди ја смислата на својот живот, силата за да се даруваш самиот себе.

Ако во центарот се парите нема место за Бог

За да одговориме на Исусовото „врви по Мене“ постои само еден услов – треба да имаме слободно срце, а не оптоварено со куп добра, затоа што ни пречи да направиме место за Господ кој така ќе стане како другите работи. Заради тоа богатството е опасно и дури го отежнува спасението. Но, не затоа што Бог е строг! – истакна папата Фрањо. Проблемот е од наша страна; нашето изобилство, нашите претерани желби го гушат срцето и нѐ прават неспособни за љубов. Заради тоа свети Павле предупредува дека среброљубието е коренот на сите зла. Тоа и го гледаме – рече Папата – каде во центарот се парите, таму нема место за Бог, ниту за човекот.

Срцето е како магнет

Исус е радикален; дава сѐ и бара сѐ. Дава потполна љубов и бара неподелено срце – рече Папата и напомена дека не можеме за возврат да даваме трошки или само некој процент од љубовта. Или сѐ или ништо. Нашето срце е како магнет; се привлекува од љубовта, но може да се фати само на едната страна, затоа мора да избере – или ќе го сака Бог или богатството на светот; или ќе живее за да љуби или ќе живее за себе. Да се запрашаме на која страна се наоѓаме – поттикна Папата. Исус го прашува секој од нас, и сите нас, како Црква на патот: Дали сме Црква која само проповеда добри заповеди или сме Црква-свршеница која за својот Господ се впушта во љубов?

Скок во љубовта

Светиот Отец затоа ги поттикна верниците да молат за благодатта за да го остават богатството, желбите за служби и власти, структурите кои повеќе не се соодветни за навестување на Евангелието, товарите кои го кочат посланието, обврските кои нѐ врзуваат за светот. Без скок во љубовта нашиот живот и нашата Црква заболуваат од егоцентрично самољубие; бараме радост во некое минливо задоволство, се затвораме во залудно мрморење, се опуштаме во монотонијата на христијанскиот живот без ентузијазам во која малку нарцизам ја покрива тагата заради неостварливоста.

Тагата, неисполнетата љубов

Знакот на нашата воздржаност кон Господ е млакото срце, жалоста која е доказ на неисполнета љубов. Потребно е срце кое не е оптоварено од добра, кое е слободно да го љуби Господ, кое секогаш шири радост која денес толку е потребна. Исус нѐ повикува да се вратиме на изворите на радоста, кои се во средбата со Него; нѐ повикува да донесеме храбра одлука и да ризикуваме за да Го наследуваме, да ја почувствуваме сладоста кога ќе оставиме нешто и ќе тргнеме по Неговиот пат. По тој пат поминале светците – истакна Светиот Отец.

Павле VI сведок на дијалогот; монс. Ромеро живот за Евангелието

Папата потоа се осврна на ликот на Павле VI сведок на убавината и радоста во наследувањето на Исус и покрај напорот и неразбирањето, токму преку примерот на апостолот чие име го земал. Денес сѐуште нѐ повикува, заедно со собратот кој бил мудар кормилар, да го живееме нашиот заеднички повик: општиот повик на светос – рече папата Фрањо и се осврна на светоста на останатите сведоци на верата, денес канонизирани кои со својот живот го посведочиле денешното Божјо Слово и тоа без млакост и пресметки. Еден од нив е епископот Ромеро кој ја оствавил сигурноста во светот, дури и безбедноста на сопствениот живот за во согласност со Евангелието го дава животот, секогаш близу до сиромашните и до својот народ.

Поздрав до присутните делегации

Во пладневниот наговор папата Фрањо ги поздрави официјалните делегации од голем број земји присутни на плоштадот Свети Петар. Нивните претставници се дојдени за да одадат почит на новите светци кои – како што рече Папата – придонеле за духовен и општествен напредок на своите земји. Меѓу нив беше кралицата Софија, италијанскиот претседател и претседателите на Чиле, Салвадор и Панама. На крајот посебни мисли Папата упати до архиепископот на Кентербери, Рован Вилијамс и групите од христијанските здруженија на италијанските работници (ACLI) кои посебно биле поврзани со свети Павле VI.

ика/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот