Папата Фрањо во сабота на 20 април 2024 година ги прими членовите на Папскиот одбор за историски науки по повод 70-годишнината од формирањето на тој Одбор.
Историчарите имаат „специфичен придонес“ во дијалогот меѓу Црквата и современиот свет, им рече папата Фрањо на членовите на Папскиот одбор за историски науки, кои ги прими во аудиенција за време на нивната пленарна средба. Светиот Отец ја истакна нивната „меѓународна димензија и мултикултурна динамика“, како и нивната „посветеност кон потрагата по историската вистина на глобално ниво“. Тој рече дека „збогатувачкиот“ пристап на Папскиот одбор за историски науки може да придонесе за „културната дипломатија“ потребна за справување со тековниот глобален конфликт и ги повика членовите „да ги отворат хоризонтите на дијалогот каде што можете да ја донесете светлината на надежта од Евангелието.“
Папата Фрањо ја нагласи „близината“ што постои меѓу историчарите и Црквата, близина заснована на заедничката потрага по вистината и служење на вистината. Цитирајќи го папата Павле VI, папата Фрањо рече: „Црквата оди низ историјата, со жените и мажите од сите возрасти, и не припаѓа на ниту една култура, туку сака да го оживее срцето на секоја култура со кротко и храбро сведочење на Евангелието, заедно да изградиме цивилизација на средба“.
Потсетувајќи дека оваа година Папскиот одбор за историски науки ја слави 70-годишнината, папата Фрањо изрази надеж дека проучувањето на историјата, како и Црквата, ќе ги направи „експерти за човештвото и слуги на човештвото“.
Ватикан њуз/к.мк