Папата до Неокатекуменскиот пат: Евангелизирајте со љубов

Во салата Павле VI папата Фрањо во аудиенција прими околу 10 илјади членови на Неокатекуменскиот пат. Поздравувајќи ги присутните, посебно 414 семејства кои ги праќа да го навестуваат Евангелието во разни делови на светот, им рече дека Црквата им се заблагодарува на нивната великодушност. Ви благодарам на сѐ што правите за Црквата во светот – рече Папата додавајќи дека во име на Црквата им предложува некои едноставни препораки.

Првата е да се грижат околу изградбата и чувањето на заедништвото во Црквите каде што одат во мисија. Неокатекуменскиот пат има сопствена харизма, како и сите дарови на Светиот Дух, длабока црковна димензија, а тоа значи дека треба да го наслушкува животот на месните цркви, да го цени нивното богатство, и ако е потребно да трпи поради нивните слабости, и со нив да оди како едно стадо под водство на локалните пастири. Главно е заедништвото. Понекогаш е подобро да се отстапи од живеење на поединости, кои од вас ги бара вашиот Пат, заради зачувување на единството меѓу браќата во некои црковни заедници, чиј што дел треба да се чувствувате – предупреди Папата.

Папата спомена уште една препорака. Добро е да бидете свесни дека пред нас секогаш доаѓа Светиот Дух. Господ секогаш оди пред нас и во најоддалечените места и најразлични култури. Бог насекаде го сее семето на своето Слово. Поради тоа посебно внимание треба да се посветува на културниот контекст во кој ќе делувате, кој е сосема поразличен од контекстот од кој доаѓате. Освен локалниот јазик, многу е важно да ја „научите“ културата која ќе ја сретнете, знаејќи да ја препознаете потребата од Евангелието кое е присутно насекаде, како и делувањето на Светиот Дух во животот и историјата на секој народ – истакна Светиот Отец.

На крајот ги поттикна членовите на Неокатекуменскиот пат да се грижат едни за други, посебно за најслабите. Неокатекуменскиот пат е со големи барања, поради тоа некој брат или сестра можат да наидат на непредвидени тешкотии. Трепеливост и милосрдие во заедницата во тој случај е знак на зрела вера. Треба да се почитува слободата на секој, исто така и кога некој ќе одлучи надвор од Неокатекуменскиот пат да бара поинаков облик на христијански живот кој ќе му помогне да одоговори на Божјиот повик – истакна папата Фрањо.

Завршувајќи го говорот, Папата ги поттикна мисионерските семејства насекаде, и во нехристијански средини, посебно во егзистенцијалните периферии, да го шират Евангелието на Исус Христос. Со љубов навестувајте, носете им ја на сите Божјата љубов. Кажете им на сите кои ќе ги сретнете дека Бог го љуби секој човек, со неговите слабости, грешки и гревови. Бидете гласници и сведоци на бекрајната добрина и неисцрпливото Божјо милосрдие.

Ве доверувам на Девица Марија секогаш да ве надахнува и да ви помага во вашата работа. Во училиштето на оваа нежна Мајка, секогаш бидете ревни и радосни мисионери – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/го*ко

1352

Категорија: Ватикан

За авторот