Папата ги прими акредитивните писма на новите амбасадори при Светата Столица
Трговијата со човечки битија е „голема срамота и злосторство против човештвото“: никогаш не би смеело човечката личност да се продава или купува – рече Светиот Отец на групата нерезиденцијални амбасадори при Светата Столица (Алжир, Исланд, Данска, Лесото, Палестина, Брегот на Слоновата Коска, Капвердските острови, Бурунди, Малта, Шведска, Замбија, Норвешка, Кувајт, Буркина Фасо, Уганда и Јордан), кои на 12 декември ги прими на аудиенција во Ватикан поради предавањето на акредитивните писма.
Трговијата со човечки битија е „општествена рана на нашето време“ против која треба да се бори со силно завземање. Папата на амбасадорите им рече дека е многу загрижен поради трговијата со луѓе, бидејќи не е дозволено мажи и жени да се користат како орудие, туку мора да се почитува нивното неповредиво достоинство.
Тоа е срамота. Трговијата со луѓе е злосторство против човечноста. Мораме да ги соединиме силите за ослободување на жртвите и да се запре тоа – се поагресивно злосторство – кое се заканува, не само на поединци, туку и на темелните вредности на општеството, меѓународната сигурност и правда; економијата, семејството и општествениот живот – рече папата Фрањо.
Поздравувајќи ги претставниците на седумнаесет земји, Папата потсети на сè она што би можела да го направи меѓународната заедница со бројни иницијативи за промовирање на мирот, дијалогот, културните, политички и економски односи, и да се помогне на населението изнапатено поради разни тешкотии. Во тој контекст се осврна на трговијата со човечки битија, која се заканува на достоинството на личноста.
Тоа е еден, за жал, сѐ пораширен вид на ропство, а се однесува на сите земји, па и на оние најразвиените, а најмногу ги погодува најранливите лица во општеството: жените, девојките, машките и женски деца, лица со инвалидитет, сиромашни, кои живеат во ситуација на семејно и општествено раслојување – забележа Светиот Отец.
Христијаните во тие лица го препознаваат „лицето на Исус Христос“ – па и неверниците – сите тие, во името за заедничката човечност, се повикани да сочувствуваат со тие луѓе и должни се да ги ослободат и да ги ублажат нивните рани. Можеме и треба сите заедно да се заземеме да ги ослободиме, и да се стави крај на таа ужасна трговија. Станува збор за милиони жртви на присилна работа, ропска работа, продавање на лицата како работна сила и поради сексуално искористување. Тоа треба да се запре: тоа е газење на човечките права на жртвите и навредување на нивното достоинство, а пораз на светската заедница – рече Папата.
Сите луѓе со добра волја, дали биле верници или не, не смеат да дозволат со тие мажи, жени и деца да се постапува како со предмети; да се лажат, угнетуваат, често препродаваат како работна сила и на крајот да се убијат – а во секој случај се убива душата и телото, и на крајот се отфрлаат и напуштаат.
Треба да се прифати заедничката одговорност; потребна е поодлучна политичка волја за справување со тоа на повеќе нивоа. Одговорност спрема оние кои станале жртви на трговијата, да им се заштитат правата и да им се гарантира ним и на нивните роднини неповредивоста. Треба да се оневозможи на расипаните и криминалците да ја избегнат правдата и тие да го имаат последниот збор. Соодветно законодавство во земјите од каде тие несреќни лица доаѓаат; во земјите каде поминуваат како и во земјите каде пристигнуваат – земајќи го во обѕир уредувањето на преселувањето, овој проблем може да се намали – истакна папата Фрањо.
Владите и меѓународната заедница – призна Папата – преземаа различни мерки за справување со тој проблем, кој е често поврзан со трговијата со дрога, оружје, превоз на нелегални мигранти и со мафијата. Понекогаш таа борба беше ублажена од корупцијата.
Не може да се негира дека понекогаш некои јавни работници и членови на мировни мисии се вплеткани во трговијата со луѓе. Како би се постигнале добри резултати, борбата треба да се пренесе и на културното подрачје како и на подрачјето на комуникацијата – рече Папата.
Треба значи добро да се испита совеста: да се запрашаме колкупати „поднесуваме некое човечко битие да се смета за предмет; да се изложи на продажба или да служи за задоволување на нечии неморални желби“. Никогаш не би смеело да се продава или купува човечката личност како што тоа се прави со трговска стока. Кој со човечката личност се служи како со предмет или индиректно ја угнетува, станува совиновник на тоа насилство – заклучи Светиот Отец.
РВ/ Превод: С.С.