Папата ги повика американските епископи да градат мостови

Папата ги повика американските епископи да градат мостови

Како и насекаде, Црквата во Америка е повикана да „излезе“ од својот сигурен амбиент и да биде квасец на заедништвото: меѓу нас, со другите христијани и со сите оние кои бараат иднина на надеж – рече Папата во видео-пораката до американските епископи.

Една недела по изборот на новиот претседател на САД, американските епископи на отворањето на Генералното собрание во Балтимор побараа од администрацијата на претседателот Трамп да усвои хумани политики кон мигрантите и бегалците, а Светиот Отец во видео порака ја повика Црквата во Америка да ја оствари културата на средба која ги „поттикнува луѓето и групите да го споделуваат богатството на својата традиција и искуствата, да ги рушат ѕидовите и да градат мостови.

Како и насекаде, Црквата во Америка е повикана да „излезе“ од својот сигурен амбиент и да биде квасец на заедништвото: меѓу нас, со другите христијани и со сите оние кои бараат иднина на надеж – рече Папата.

Потсетувајќи на своето патување во САД, Папата истакна дека бил воодушевен од живоста и разновидноста на католичките заедници. Во текот на целата своја историја Црквата во вашата земја прифаќала и ги вклучувала новите бранови на мигранти. Во богатата различност на нивниот јазик и културните традиции, тие го обликуваа разновидното лице на Црквата – рече Светиот Отец.

Христијанската заедница треба да биде знак и пророштво на Божјиот план за целото човечко семејство. Повикани сме да бидеме носители на радосни вести за општеството зафатено од вознемирувачките општествени, културни и духовни промени и зголемувањето на поларизацијата.

Посебно ве молам да размислете како можат вашите локални цркви подобро да одговорат на зголеменото присуство, даровите и можноста на латино-американската заедница. Земајќи го во предвид придонесот кој латино -американската заедница дава живот на вашата земја се молам претстојната пасторална средба на латино – американските верници во САД кои се мнозинство во многу бискупии да донесе плод за обнова на американското општество и за апостолатот на Црквата во САД – вели Папата на крајот од видео пораката.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот