Папата Лав XIV се сретна со волонтерите кои помогнаа во подготовката на неговото апостолско патување во Шпанија и ги охрабри христијаните во светот да внесуваат „квас на несебичност“.
Папата Лав XIV ја заврши првата етапа од своето апостолско патување во Шпанија во вторник, 9јуни 2026 година, со средба со волонтерите кои го посветија своето време за да им помогнат на другите да учествуваат во неговата посета.
Во своето обраќање, Папата изрази искрена благодарност за нивната служба, истакнувајќи дека нивните напори биле направени „од љубов кон Господ, Црквата и Папата“.
Пофалувајќи ја нивната великодушност, тој нагласи дека тие веднаш одговориле на повикот за волонтери, при што многу повеќе луѓе го понудиле своето време отколку што било потребно.
Многумина зеле слободни денови од работа, а други неколку месеци целосно се посветиле на подготовките за неговото доаѓање.
„Секој од вас даде што можеше, нудејќи го своето срце, раце, идеи, таленти и насмевки“, рече Папата. „Нека Бог ве награди како што само Тој знае!“
„Квас на несебичност“ во светот
Потоа папата Лав ги охрабри христијаните насекаде да внесуваат „квас на несебичност“ во светот.
Потсетувајќи на Исусовата парабола за квасецот, тој рече дека великодушноста на волонтерите покажува дека христијаните знаат како да го заквасат тестото на општеството преку грижата за другите.
„Несебичноста е како квасец што прави да растат човечките, етичките и духовните димензии на општеството и е карактеристичен елемент на ‘Божјиот град’“, рече Папата.
Во нашиот свет, исполнет со себичност и потрага по профит, христијаните се повикани да размислуваат и да живеат на начин што води кон интегрален човечки развој, дури и кога тоа значи да им прават добро на оние кои немаат можност да возвратат.
Царството Божјо се шири преку живот според Евангелието
Исус, рече Папата, го внесува Царството Небесно во нашиот свет како квасец, лекувајќи го нашето болно човештво со Својата жртва и со огнот на Светиот Дух.
„По Својата смрт и воскресение“, рече Папата, „Тој ги испрати Своите ученици, со силата на истиот Дух, да бидат знаци и орудија на Неговото Царство на љубовта, правдата и мирот во светот.“
Христијаните го шират Божјото Царство преку своето проповедање, но особено преку начинот на живот усогласен со Евангелието.
Папата Лав XIV повторно им се заблагодари на волонтерите за нивната великодушност, велејќи дека нивната работа, проткаена со Божјата љубов, му помогнала на Мадрид да се приближи до Божјото Царство.
„Сето тоа е Негова благодат!“, рече Папата. „Ова е тајната: Божјата љубов, која ги движи сонцето и ѕвездите, ги движи и срцата на оние што Го сретнале Господ Исус, зашто Тој самиот рече: ‘Поблажено е да се дава отколку да се прима’.“
На крајот, папата Лав ги охрабри волонтерите кои ја подготвија неговата посета да го пренесат искуството од овие денови во секојдневниот живот, со понизност, цврстина во верата и великодушност во служењето.
Ватикан њуз/к.мк

