Папата: Голема е потребата за молитва

Папата: Голема е потребата за молитва

Тоа е голема револуција во христијанството, што Бог можеме да го наречеме Отец – истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција на 7 јуни 2017 година, на плоштадот Свети Петар.

Светиот Отец со тоа ја продолжи серијата катехези за христијанската надеж, а денес размислуваше за „Божјото татковство – изворот на нашата надеж.“

На молба на ученикот „Господи научи нѐ да се молиме,“ Исус им ја доверува молитвата „Оче наш“. Во фокусот на размислувањето на Папата беше верзијата на таа молитва која ја наоѓаме во Евангелието според Лука, која започнува со едноставен повик „Оче“. Во тој збор може да се сумира целото таинство на христијанската молитва: Бог можеме да го наречеме Отец.

Папата истакна дека овде се покажува големата верска роволуција која ја има донесено христијанството: можеме да имаме доверлив однос со трансцендентниот и свет Бог како што детето има доверлив однос со својот татко. Соочени со таинството на Бог, кој нѐ зачудува и пред кој истовремено се чувствуваме толку мали, не треба да стравуваме – рече папата Фрањо.

Бог е Отец, но неговото татковство го надминува секое човечко. Во параболата за загубениот син Исус така ни го преставува милосрдниот татко кој не го казнува својот син заради неговата дрскост, туку му простува, покажувајќи му ја својата љубов. Таа парабола е сведоштво за безусловната љубов на Отецот кон нас – рече Светиот Отец. Можеби од таа причина свети апостол Павле двапати во своите посланија го донесува Исусовиот повик во неговиот изворен арамејски облик „Ава“, кој знае да се преведе со зборот „тато.“

Бог е Отец и тогаш кога мислиме дека можеме без Него. Можеме да бидеме далеку од Него, непријателски настроени, па дури и да се изјаснуваме за „луѓе без Бог“ – рече Папата – но тоа не важи обратно. Евангелието, Исус Христос ни покажува дека Тој никогаш нема да биде „Бог без луѓе“ и дека секогаш ќе биде со нас. Кога ни е потребна помош, Исус не ни вели да се помириме со ситуацијата, затворајќи се во себе, туку нѐ поттикнува да се обратиме на Отецот и со доверба да го замолиме за помош – рече папата Фрањо.

Светиот Отец на крајот на денешната Генерална аудиенција повика на учество во молитвената инциијатива „Минута за мир“, која ќе се одржи утре на 8 јуни во 13.00 часот според римско време. Папата рече дека иницијативата претставува неколку моменти молитва во спомен на средбата помеѓу него, покојниот израелски претседател Симон Перес и палестинскиот претседател Махмуд Абас. За време на таа средба, која се случи на 8 јуни 2014 година во Ватиканските градини, тројцата се молеа за мир. Во ова наше време голема е потребата за молитва на христијаните, евреите и мусиманите: за мир –– заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот