Папата во Лурд: „Медицината никогаш не смее да биде во служба на програмирана смрт“

Папата во Лурд: „Медицината никогаш не смее да биде во служба на програмирана смрт“

Папата Лав XIV го посети центарот „Accueil Notre-Dame“ во Лурд, каде што се сретна со болни ходочесници и со претставници на организациите што служат во Богородичното светилиште.

Папата Лав XIV во неделата попладне, 27 септември 2026 година, се сретна со болни и изнемоштени ходочесници, како и со лица со попреченост, во центарот „Accueil Notre-Dame“ при Светилиштето на Пресвета Богородица во Лурд.

Центарот прима ходочесници и групи од целиот свет и функционира како здравствена установа, но и како „еден вид голем семеен дом“, благодарение на околу 50 вработени, богопосветени лица и стотици волонтери.

Во своето обраќање, папата Лав XIV истакна дека во Лурд „кршливоста не се крие, туку станува место на света средба“.

„Радувај се, благодатна, Господ е со Тебе“

Потсетувајќи на овогодинешната тема на Богородичните светилишта, „Радувај се, благодатна, Господ е со Тебе“, Светиот Отец ги истакна понизноста и великодушноста на Марија, кои му овозможиле на Бога преку неа да го изврши Своето дело на спасение.

Зборовите на архангелот Гаврил, „Господ е со Тебе“, рече Папата, се вистина која стои во основата на „нашето достоинство како личности“.

Истовремено, начинот на кој Марија ја препознава единственоста на секоја личност „уште еднаш нè потсетува дека никој не е невидлив во Божјите очи“.

Во време кога општеството понекогаш „го свртува погледот или ги затвора очите пред достоинството на човечкиот живот“, папата Лав XIV повика во себе и во другите да негуваме „контемплативен поглед“.

Таквиот поглед, рече тој, ни овозможува да го видиме животот во неговата најдлабока смисла, да го прифатиме како дар и во лицето на секој човек да препознаеме повик на средба, дијалог и солидарност.

Во Благовештението на Марија, продолжи Папата, секој од нас открива дека и самиот е лично повикан и создаден за Божјата љубов, која е извор на животот.

„Човечката личност е достојна едноставно затоа што постои и затоа што е повикана на вечност“, нагласи Светиот Отец.

Достоинството на човекот не може да се мери

„Нашето достоинство не може да се мери ниту да биде предмет на преговарање“, рече папата Лав XIV.

Обраќајќи им се директно на болните ходочесници, тој призна дека болеста може да донесе несигурност, страв и чувство на безнадежност.

„Но ниеден човечки закон никогаш не треба да ве натера да ја изгубите сигурноста во сопственото достоинство“, рече Папата.

Токму поради неотуѓивото достоинство на секој човек, продолжи тој, „мора да го отфрлиме искушението да предизвикуваме смрт под превезот на лажно сочувство“.

Светиот Отец предупреди и дека „она што е законски дозволено не е нужно и морално исправно“.

Потоа упати посебен апел до здравствените работници да не ја заборават длабоката смисла на својот повик.

„Вашиот повик е да се грижите за човекот што страда, а не да го отстраните човекот“, рече тој.

„Бидете страсни бранители на животот“, ги повика Папата, додавајќи дека никој нема право самоволно да одлучува за животот на човечки ембрион или на постар човек.

Тој ги охрабри здравствените работници да ја развиваат вистинската палијативна грижа, научното истражување и човечката придружба на болните, „со нежноста што ја гледаме во Лурд“.

„Вие не сте товар“

Повторно обраќајќи им се на болните, Светиот Отец рече: „Вие не сте товар. Вие сте срцето што чука на нашето човештво и драгоцено богатство за Црквата.“

Папата ги увери во своите молитви и ги довери на Пресвета Богородица, молејќи ја за нив да ја измоли утехата на нејзиниот Син Исус.

Чудата на Лурд

За време на посетата, папата Лав XIV одвои време и приватно да се сретне и разговара со некои од болните кои престојуваат во центарот и кои, поради својата здравствена состојба, не можеа да учествуваат во заедничката средба.

„Животот е прекрасен и скапоцен. Не обесхрабрувајте се. Богородица Лурдска ве држи за рака“, им рече тој.

Папата им се заблагодари и на сите што служат во Светилиштето, истакнувајќи дека многу ходочесници си заминуваат од Лурд „со мирни срца, преобразени од благодатта и подготвени да го продолжат својот пат“.

Посебни зборови на благодарност упати до негувателите, волонтерите и сите што им помагаат на болните.

„Зар првото чудо на Лурд за нив не е токму тоа што ве сретнале и што ја искусиле вашата великодушност, вашата посветеност и вашата близина?“, праша Светиот Отец.

На крајот ги охрабри своето искуство да го споделуваат особено со младите, „за и тие да можат да ја откријат радоста на дарувањето и на служењето во името на Исус“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот