Порака на Папата за Денот на молитва за духовни звања: „Внатрешното откривање на Божјиот дар“
Папата Лав XIV ја објави својата порака за претстојниот Светски ден на молитва за духовни звања, кој оваа година ќе се одбележи во недела, на 26 април, и повторно истакна дека „секое звање е неизмерен дар за Црквата и за оние што го примаат со радост“.
Од Дебора Кастелано Лубов
Папата Лав XIV ја објави својата порака за 63. Светски ден на молитва за духовни звања, кој оваа година се одбележува на 26 април, на четвртата недела по Велигден, позната и како Недела на Добриот Пастир.
Папата го нарече овој ден „пригода на благодат во која ги споделуваме некои размислувања за внатрешната димензија на звањето, разбрана како откривање на Божјиот бесплатен дар што расцутува во длабочината на нашите срца“. Исто така, тој го нарече и можност „заедно да го истражиме навистина прекрасниот пат на животот по кој Пастирот нè води“.
Неговата убавина нè прави убави
Потсетувајќи дека во Евангелието според Иван, Исус се опишува Себеси како „Добриот Пастир“, подготвен да го положи својот живот за своите овци, откривајќи ја така Божјата љубов, папата Лав нагласи: „Тој е Пастирот што нè привлекува кон Себе, чиј поглед ни открива дека животот е навистина убав кога човек Го следи“.
Папата истакна дека за да се препознае оваа убавина, потребни се созерцание и внатрешност, забележувајќи дека само оној што запира, слуша, се моли и го прифаќа погледот на Пастирот може со доверба да каже: „Му верувам; животот со Него навистина може да биде прекрасен.“
„Она што е најнеобично“, забележува папата Лав, „е тоа што, станувајќи Негов ученик, човек навистина станува ‘убав’; Неговата убавина нè преобразува.“
Тој потсети дека свети Августин го имал токму ова искуство на живот, вера и смисла. Признавајќи ги гревовите и заблудите од својата младост, Августин ја открил убавината на божествената светлина што го водела низ темнината.
Таквиот однос, втемелен врз молитва и тишина, рече папата Лав, кога се негува, нè отвора за да го примиме дарот на звањето и активно да одговориме на него.
Авантура на љубов и среќа
Папата рече дека звањето никогаш не е „наметнување или унифициран образец на кој човек едноставно треба да се приспособи“, туку „авантура на љубов и среќа“.
„Затоа, врз основа на грижата за внатрешниот живот“, рече тој, „итно треба повторно да го оживееме пасторалот за духовни звања и да ја обновиме нашата посветеност на евангелизацијата.“
Во таа светлина, Папата ги повика сите, „семејствата, парохиите и монашките заедници, како и бискупите, свештениците, ѓаконите, катехистите, воспитувачите и сите верници“, поцелосно да се вложат во создавање услови што ќе овозможат овој дар да биде прифатен, хранет, заштитен и придружуван, за да донесе изобилен плод.
„Само кога нашата средина е осветлена од жива вера, одржувана со постојана молитва и збогатена со братска придружба“, рече тој, „Божјиот повик може да расцвета и да созрее.“
Неговиот љубовен поглед ги просветлува нашите срца
Господ, рече папата Лав, нè познава и ги просветлува нашите срца со Својот љубовен поглед. Всушност, истакна тој, секое звање започнува со свеста и искуството за Бог кој е љубов.
„Господ длабоко нè познава, ги изброил влакната на нашата глава и за секого замислил единствен пат на светост и служба“, рече Светиот Отец.
Сепак, подвлече тој, оваа свест секогаш треба да биде заемна, бидејќи „и ние сме повикани да Го запознаваме Бога преку молитвата, слушањето на Словото, Светите Тајни, животот на Црквата и делата на љубовта кон нашите браќа и сестри“.
„Секое звање е неизмерен дар за Црквата“
Папата ги повика младите да го слушаат гласот на Господ, Кој ги повикува „кон исполнет и плоден живот“, повикувајќи ги да ги стават своите таленти во служба и да ги соединат своите ограничувања и слабости со славниот Христов Крст.
За младите да Го запознаат Господ, тој ги поттикна да одвојуваат време за евхаристиско поклонување; верно да медитираат над Божјото Слово, за секојдневно да го применуваат во животот; и активно и целосно да учествуваат во светотаинскиот и црковниот живот на Црквата.
Преку блискоста на пријателството со Исус, рече Папата, тие ќе откријат како да се даруваат себеси, било преку бракот, свештенството, трајниот ѓаконат или посветениот живот.
„Секое звање“, рече тој, „е неизмерен дар за Црквата и за оние што го примаат со радост.“
Свети Јосиф имаше доверба и тогаш кога сè беше обвиено со неизвесност
Папата Лав истакна дека да се познава Господ значи пред сè човек да научи да Му се довери Нему и Неговата промисла, и забележа дека животот се открива како постојан чин на доверба во Господ и предавање на Него, „и тогаш кога Неговите планови ги вознемируваат нашите“.
На посебен начин го спомна свети Јосиф, кој, и покрај таинствената и неочекувана бременост на Дева Марија, му веруваше на божественото послание откриено во сон и со послушно срце ја прими Марија и нејзиното Дете.
„Јосиф од Назарет“, рече тој, „е пример за целосна доверба во Божјите нацрти. Тој имаше доверба и тогаш кога сè околу него изгледаше обвиено со темнина и неизвесност, кога настаните се чинеше дека се оддалечуваат од неговите сопствени планови. Тој имаше доверба и Му се предаде на Бога.“
Папата Лав потсети дека Господ не нè напушта во нашите најтемни часови, туку доаѓа за да ја растера секоја сенка со Својата светлина.
„Преку светлината и силата на Неговиот Дух, и среде искушенија и кризи“, рече папата Лав, „можеме да го видиме нашето звање како расте и созрева, сè поцелосно одразувајќи ја убавината на Оној што нè повикал, убавина обликувана од верност и доверба, заедно со нашите рани и неуспеси.“
Повикани сме да бидеме со Исус во секоја околност од животот
Папата рече дека звањето не е неподвижна точка, туку динамичен процес на созревање што се одржува преку блискоста со нашиот Господ. Повикани сме да бидеме со Исус, рече Папата, дозволувајќи му на Светиот Дух да дејствува во нашите срца и во околностите на животот, и повторно да го толкуваме сето тоа во светлината на овој дар.
„Како лозата и прачките“, рече Папата, „целиот наш живот треба да биде вкоренет во силна и жива поврзаност со Господ, за со поголемо срце да одговориме на Неговиот повик преку искушенијата и неопходното ‘поткастрување’.“
Хрането со секојдневен однос со Него
Според тоа, објасни тој, звањето не е „нешто што веднаш се поседува, нешто ‘дадено’ еднаш засекогаш“, туку пат што се развива слично како и самиот живот. „Дарот што сме го примиле треба не само да се чува, туку и да се храни со секојдневен однос со Бога, за да расте и да донесува плод.“
Затоа, Папата ги повика сите да го негуваат својот личен однос со Бога преку секојдневна молитва и медитација над Словото.
„Запрете, слушајте и доверете се“, рече тој. „Така дарот на вашето звање ќе созрее, ќе ви донесе радост и ќе даде изобилен плод за Црквата и за светот.“
На крајот, папата Лав ја повика Пресвета Богородица, образец на внатрешното прифаќање на Божјите дарови и учителка во молитвеното слушање, „секогаш да ве придружува на овој пат!“.
Ватикан њуз/к.мк

