На 6 март 2026 година, Лав XIV ја поздрави редакцијата на „Corriere della Sera“ по повод 150-годишнината од основањето на весникот, потсетувајќи на значењето на одговорното новинарство во ерата на вештачката интелигенција.
„Corriere della Sera“, основан во Милано во 1876 година, денес се смета за едно од најавторитетните и најчитани италијански изданија. „Во текот на 150 години вашата историја е испреплетена со историјата на Италија, сведочејќи за улогата на печатот како средство за ширење не само на вести, туку и на идеи и култура, кои се живата основа на општеството, за чија изградба помогнал и вашиот весник“, пишува Папата.
Сопатник по патот на историјата
Папата забележува дека низ децениите весникот ги следел и пренесувал најважните настани од современата историја на Италија и светот: двете светски војни, подемот и падот на фашизмот, преминот од монархија кон република, внатрешниот и меѓународниот тероризам, падот на Берлинскиот ѕид, како и денешниот сложен контекст.
Одговор на барањата на времето
Лав XIV истакнува дека современата технолошка револуција отвора нови предизвици за новинарството. „Во ерата на вештачката интелигенција, новинарството има незаменлива задача во комуникацијата, а особено големите весници, поткрепени од богатството на својата историја, имаат обврска никогаш да не се откажат од својот авторитет: да ја гарантираат транспарентноста на изворите, да ја почитуваат улогата на новинарите и достоинството на читателите, и да ја негуваат човечката димензија на раскажувањето, кое единствено искуството може да го обезбеди“, пишува Папата.
Поглед кон иднината со спомен на корените
„Искрено ви честитам за оваа годишнина, која сведочи за длабоките врски што ве поврзуваат со Италија и која ве охрабрува да ги цените своите корени и да гледате напред“, завршува пораката на Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк

