„Во услови на пандемија, не ни требаат само економски програми или нови рецепти против вирусот, туку и нова човечка перспектива заснована на Божјата објава“, истакна Светиот Отец на членовите на Пленарното собрание на Папскиот совет за култура во Рим.
Папата Фрањо се обрати до Папскиот совет за прашања од културата по повод Пленарното собрание што се одржа во Рим на 23 ноември 2021 година. На почетокот на видео пораката, тој истакна дека знакот на сегашното време е дека во дигиталниот универзум сè станува неверојатно блиску, но без топлината на личното присуство. Ваквите состојби се предизвикани од пандемијата што сите ја доживуваме.
Според Светиот Отец, пандемијата доведе во прашање многу гаранции на кои почива нашиот социјален и економски модел, откривајќи ја нивната кревкост: личните односи, начините на работа, социјалниот живот, па дури и религиозните практики и учеството во светите Тајни. Но, исто така, и пред сè, пандемијата решително ги постави основните прашања на постоењето: прашањето за Бога и човекот.
Новата човечка перспектива се заснова на Божјата објава
Врз основа на ова, Папата се осврна на темата: „Во насока на потребниот хуманизам“. „Во оваа фаза од историјата“, рече тој, „ни требаат не само економски програми или нови рецепти против вирусот, туку нова човечка перспектива заснована на Божјата објава збогатена со класичната традиција, но и размислување за човечката посебност присутна во различни култури.“
Осврнувајќи се на концептот на „хуманизам“, Римскиот бискуп потсети на незаборавниот говор на свети Павле VI, одржан на крајот од Вториот ватикански собор, 7 декември 1965 година. Тој се осврна на секуларниот хуманизам од тоа време, кој ја оспоруваше христијанската визија и рече: „Божјата религија, која стана човек, се сретна со религијата на човекот, кој се прави себеси Бог“. И наместо да го осудува и презира, Папата предложи модел на добриот Самарјанин за да покаже големо сочувство кон човекот и неговите достигнувања, неговите радости и надежи, неговите сомнежи, збунетост и тага. Затоа Павле VI предложи човештвото, затворено за трансцедентност, да го препознае нашиот нов хуманизам, велејќи дека „и ние најмногу го цениме човекот“.
Овој секуларен хуманизам – израз кој исто така алудираше на тоталитарната идеологија која тогаш преовладуваше во многу режими – сега е минато. Во нашево време, означено со крајот на идеологиите, се чини дека е заборавено, закопано пред новите промени предизвикани од информациската револуција и неверојатниот развој на науката, принудувајќи нè повторно да размислиме што е човекот.
Сега имаме уште една револуција која се однесува на суштинските прашања на човековото постоење и бара креативен труд, размислување и дејствување. Се менуваат начините за сфаќањето на зачнувањето, раѓањето и смртта. Се доведува во прашање посебноста на човекот и неговата единственост во севкупното создание. Сепак, не можеме да се ограничиме на критиката – треба да размислуваме за постоењето на човекот и неговото место во светот: како слуга на животот, а не негов господар, како градител на општото добро, воден од вредностите на солидарност и сочувство.
Најдете го интегритетот, уникатноста и оргиналноста на човекот
Според Папата, учесниците на Пленарното собрание треба пред се да размислуваат за овие важни точки. Заедно со прашањето за Бог, кое е основно за човечката егзистенција, останува клучно прашањето за човекот и неговиот идентитет. Што значи денес да се биде маж и жена како цели личности, повикани на однос: единствена и неповторлива состојба; трансцендентен повик и задача да гради општествени односи со другите?
Пораката дава важни координати за да се дефинира човечката антропологија во односот со Бога, во тешките односи еден со друг и во околината. Библискиот хуманизам, во плоден дијалог со вредностите на класичната грчка и латинска мисла, издигна висока визија за човекот, неговото потекло и конечната судбина, неговиот начин на живот на оваа земја. Овој спој на античка и библиска мудрост сè уште е плодна парадигма.
Комбинирањето на културите е патот до подобра иднина
Привлекувајќи внимание на различните култури кои постојат на различни континенти, Папата заклучи со зборовите на енцикликата Laudato si : „Ако некој повторно не го открие своето вистинско место, тој навистина не се разбира себеси и на крај противречи на сопствената реалност“. Светиот Отец заклучува дека во различни делови на светот, човештвото бара и хармонија на внатрешното со создавањето, солидарност, надминување на прекумерниот индивидуализам, живо чувство за семејство и славење. Комбинирањето на овие различни култури денес ќе биде најдобриот начин за решавање на проблематичните прашања за иднината на човештвото.
Ватикан њуз/к.мк