Во интервју за италијанската информативна програма Tg1, папата Фрањо зборува за опасноста од глобален конфликт. Зборувајќи на повеќе теми, тој вели дека не смееме да се навикнуваме на војна и ја осуди трговијата со оружје.
За папата Фрањо, глобалната ескалација на војната што избувна во Израел и Палестина „е опасност“, но тој се надева дека тоа нема да се случи имајќи доверба во „човечката мудрост“. Забелешките Папата ги упати за време на долгото интервју со Џанмарко Чиочи, директор на италијанската информативна програма Tg1, што беше емитувана во средата на италијанскиот јавен сервис РаиУно.
Израел и Газа
Во врска со ситуацијата на Блискиот Исток, Папата уште еднаш потврди: „Секоја војна е пораз. Ништо не се решава со војна. Ништо. Сè се добива со мир, со дијалог“. Потоа продолжи: „Влегоа во кибуци, зедоа заложници. Убиваа. А потоа реакција. Израелците одат да ги вратат тие заложници, да ги спасат. Во војна, еден шамар предизвикува друг. Едниот силен, а другиот уште посилен, и така продолжува. Војната е пораз. Го чувствувам како уште еден пораз. Два народа кои мора да живеат заедно. Со тоа мудро решение: два народа, две држави. Договорот од Осло: две јасно исцртани држави и Ерусалим со посебен статус“.
Потсетувајќи се на минатонеделната молитва за мир, папата Фрањо повтори дека светот минува низ „многу мрачен час“. И додаде: „Не може јасно да се изрази, но во најтемниот час ќе додадам: уште еден пораз. Така е од последната светска војна, од 1945 година до сега, еден пораз по друг, бидејќи војните не престануваат. Но, најсериозен проблем сè уште е индустријата за оружје. Човек кој се разбира во инвестициите, кој го запознав на средба, ми рече дека денес инвестициите што создаваат најголем приход се фабриките за оружје“.
Папата рече дека секој ден разговара телефонски со верниците кои се во Газа. „Секој ден му се јавувам на египетскиот помошник на парохискиот свештеник, отец Јусуф, и тој ми вели: „Во парохијата имаме 563 луѓе, сите се христијани, а исто така и некои муслимани. Има и болни деца згрижени од монахињите на Мајка Тереза. Во оваа мала парохија има 563 луѓе! Секој ден се трудам да ги придружувам. Засега, фала му на Бога, израелските сили ја почитуваат таа парохија“.
Војната и антисемитизмот
„Се сеќавам“, рече Папата, „многу тежок момент на почетокот на понтификатот беше кога војната во Сирија избувна со таква сила и одржав молитва на плоштадот, каде што имаше христијани, но и муслимани, кои го носеа својот тепих за да се молат. Тоа беа тешки моменти. За мене војната е лоша работа, но потоа, не е убаво да се каже, но се навикнуваш, за жал, се навикнуваш. Не смееме да се навикнеме“.
За можната глобална ескалација, Папата рече: „Тоа би било крај на многу работи и многу животи. Мислам дека човечката мудрост ќе ги спречи овие работи. Да, постои можност, но… И оваа војна нè погодува поради значењето на Израел, Палестина, Светата Земја, Ерусалим. Но, и [војната во] Украина влијае на нас бидејќи е во близина. Но, има многу други војни: Киву; Јемен; Мјанмар со Рохинџите, кои се маченици. Светот е во војна, но индустријата за оружје стои зад тоа“.
Папата Фрањо зборуваше и за антисемитизмот, кој „за жал останува скриен“. (…) и како да не е доволен холокаустот што се случи во Втората светска војна, шест милиони убиени, поробени, но тоа не е минато. За жал, не е минато. Не знам како да објаснам и немам објаснување, факт е дека го гледам и не ми се допаѓа“.
Конфликтот во Украина
На прашањето за украинската реакција на мировните иницијативи на Светиот Престол, папата Фрањо одговори: „Мислам на украинскиот народ, не смееме да му судиме денес. Украинскиот народ е маченички народ, во времето на Сталин имаше многу тешки прогони. Тоа е маченички народ. Читав спомен книга за тоа страшното мачеништво, страшно… тоа е народ кој многу страдаше и сега повторно поминува низ тоа. Ги разбирам и го примив претседателот Зеленски, разбирам, но потребен е мир. Престанете! Застанете малку и барајте мировен договор, договорите се вистинското решение за тоа. За двете страни”
Папата потсети дека: „На вториот ден од војната во Украина отидов во руската амбасада, почувствував дека морам да одам таму и реков дека сум подготвен да одам кај Путин, доколку тоа има некаква корист. И тогаш имав добар разговор во руската амбасада. Кога зборував за некои затвореници, отидов таму и тие ги ослободија, ослободија и некои од Азов. Накратко, амбасадата многу добро постапуваше при ослободување на луѓето што можеа да бидат ослободени. Но, дијалогот запре тука. Во тие моменти Лавров ми напиша: „Ти благодарам ако сакаш да дојдеш, но не е потребно“. Сакав да одам на двете места“.
Жените во Црквата
„Овде, во Ватикан, има повеќе жени кои работат. На пример, заменик-гувернерот на државата Ватикан е жена, монахиња, а гувернерот има општа улога, но таа е одговорната. Во Советот за економија има шест кардинали и шест мирјани; од овие шест лаици, пет се жени. Потоа има секретари на местото на монсињорите: Секретар за посветениот живот е жена; за интегрален човечки развој, жена: во комисијата за избор на епископи има три жени, бидејќи жените разбираат работи што ние не ги разбираме, жените имаат посебен инстинкт за ситуацијата, и тоа е потребно. Верувам дека тие треба да бидат вклучени во работата на Црквата“.
Во врска со ракополагањето на жените, папата Фрањо рече: „Таму има теолошки проблем, а не административен проблем. Жените можат да прават сè во Црквата; може да биде и гувернер, нема проблем. Но, од теолошка, служителска гледна точка, тоа се различни нешта: Петровиот принцип, кој е принцип на јурисдикција; и Маријанскиот принцип, кој е поважен затоа што Црквата е женска, Црквата е свршеница, Црквата не е машко, таа е женско – потребна е теологија за да се разбере ова – и силата на женската црква и жените во Црквата е посилна и поважна од онаа на машките службеници. Марија е поважна од Петар затоа што Црквата е женска. Но, ако сакаме да го сведеме ова на функционализам, губиме“.
Синодата и целибатот
За папата Фрањо, исходот на Синодата за синодалност беше „позитивен“. „Разговаравме за сè во целосна слобода“, рече тој, „и тао е убавата работа. И беше можно да се создаде завршен документ, кој мора да се проучи во овој втор дел за следната седница во октомври: како што беше и за семејството, и ова е Синода во две фази. Верувам дека дојдовме токму до онаа пракса на синодалност, која свети Павле VI ја посакуваше на крајот од Соборот, бидејќи сфати дека Западната црква ја изгубила синодалната димензија што Источната црква, од друга страна, ја задржа.”
Во врска со темата за хомосексуалните парови, папата Фрањо рече: „Кога велам „сите, сите, сите“, тоа се луѓето. Црквата ги прима луѓето, сите и не прашува каков си. Потоа, внатре, секој расте и созрева во својата христијанска припадност. Вистина е дека денес е малку модерно да се зборува за ова. Црквата ги прима сите. Друго е кога има организации кои сакаат да влезат. Принципот е ова: Црквата ги прима сите оние кои можат да се крстат. Организациите не можат да се крстат.Луѓето, можат!“
Злоупотреба внатре и надвор од Црквата
Папата Фрањо во интервјуто објасни дека го продолжува делото на Бенедикт XVI. „Направено е многу „чистење“. Toa се однесуваа на сите случаи на злоупотреба, па дури и некои од Куријата беа разрешени. Папата Рацингер беше храбар во тоа. Тој го зеде тој проблем во свои раце и презеде многу чекори и потоа го предаде да се доврши. Ова продолжува. Не смее да се толерира злоупотреба, без разлика дали станува збор за совест, сексуална злоупотреба или било што друго. Тоа е спротивно на Евангелието; Евангелието е служење, а не злоупотреба и имаме многу епископи кои направиле добра работа при проучувањето на сексуалната злоупотреба, но и други [видови на злоупотреба]“.
Папата призна дека иако Црквата направила многу во борбата против педофилијата, „има уште многу да се направи“.
Најтешкиот момент
На прашањето кој е најтешкиот момент од неговиот понтификат, Папата одговори: „Можеби беше тешко и сурово кога требаше да се спротивставам на сириската војна… Не знаев што да правам, беше многу тешко. Не бев навикнат на вакво нешто, а [постоеше] и страв да не направам грешки и да предизвикам штета. Беше тешко. Имаше и некои лесни или не толку лесни моменти. Но, Господ отсекогаш ми помагал да се одлучам, или барем да имам трпение, да чекам да се одлучам“.
На прашањето што го плаши, Папата одговори: „Доаѓаат мали стравови. Ќе се случи ова или она. Војната во Светата Земја ме плаши. Луѓето, како ќе заврши оваа работа? Но, тоа се решава пред Господа. Не дека стравовите исчезнуваат. Но, тие остануваат на човечки начин, така да се каже. Добро е да се има стравови“.
„Ќе одам во Дубаи на COP 28“
„Да, ќе одам во Дубаи. Мислам дека ќе заминам од 1-ви декември до 3-ти декември. Ќе останам таму три дена. Се сеќавам дека кога отидов во Стразбур, во Европскиот парламент, а претседателот Оланд ја испрати министерката за животна средина Сеголен Ројал да ме прими. И таа ме праша: „Дали подготвуваш нешто за животната средина? Тоа треба да го направите пред состанокот во Париз“. Повикав некои научници, кои брзо дојдоа. „Laudato sí“ беше објавен, излезе пред Париз. А средбата во Париз беше најубава од сите. По Париз, сите отидоа наназад, и потребна е храброст да се оди напред во ова“.
Вера
На прашањето дали неговата вера некогаш се поколебала, Папата одговори: „Во смисла да ја изгубам, не. Но, во смисла да не ја чувствувам и да одам по темни патеки – Каде е Господ? – како да чувствуваш дека Господ се крие, каде е? Или се враќаме и се оддалечуваме од Него. А каде си, Господи? И зошто не го поправиш ова? И чувствуваш како Господ ти зборува одвнатре затоа што немам волшебно стапче. Господ не е Мандрак [волшебник], не. Тој е нешто друго“.
„Помеѓу Марадона и Меси го претпочитам Пеле“
На крајот, Папата на прашањето кој од двајцата големи аргентински фудбалери, Марадона или Меси, преферира, одговори: „Ќе кажам трето: Пеле“.
Ватикан њуз/к.мк