Во своето обраќање пред делегацијата на Фондацијата „Помош на Црквата во неволја“, папата Лав XIV ја потврди својата посветеност на поддршката на христијанските малцинства во земји како Централноафриканската Република, Буркина Фасо, Мозамбик и Перу, земја каде што тој самиот бил мисионер.
Папата истакна дека практикувањето на верата без страв од прогон е темел на секое праведно општество, бидејќи го чува просторот во кој се оформува човечката совест.
„Не може да има вистинско помирување без гаранција за слободно исповедање на верата“, рече Светиот Отец, додавајќи дека овa право не е привилегија што ја доделуваат институциите, туку суштински услов за изградба на општества во кои совеста има простор да се формира и да се изрази.
На овој принцип се темелеше говорот на Папата, кој им се обрати на членовите на фондацијата што ја прими во аудиенција на 10 октомври во Апостолската палата во Ватикан.
Да не ги напуштаме прогонетите христијани
Папата го започна говорот со потсетување на сè понагласеното непријателство и насилство што се врши против различни верски заедници, меѓу кои и христијаните. Во согласност со мисијата на фондацијата, основана во 1947 година за надминување на страдањата по Втората светска војна, Папата повика: „Да не ги напуштаме нашите прогонувани браќа и сестри.“
Тој ги повтори зборовите на светиот апостол Павле од Првото послание до Коринтјаните: „Ако страда еден дел од телото, страдаат сите делови заедно.“
Потребата за вистина и смисла
Папата потсети дека правото на слобода на исповед на верата произлегува од длабоката човечка потреба за вистина, смисла и заедништво со Бога и со ближните. Оваа потреба, вкоренета во достоинството на човекот создаден по Божји образ и обдарен со разум и слободна волја, ја прави верската слобода суштински елемент, а не споредно прашање.
Верската слобода им овозможува на поединците и заедниците слободно да ја бараат вистината, да ја живеат и отворено да сведочат за неа. Затоа, рече Папата, таа е темел на секое праведно општество, бидејќи го штити моралниот простор во кој се оформува совеста.
Нема мир без верска слобода
„Верската слобода,“ продолжи папата Лав XIV, „не е само законско право или привилегија што ја доделуваат владите, туку столб на вистинско помирување.“
Нејзиното негирање го лишува човекот од можноста да одговори на „повикот на вистината“ и води кон распаѓање на етичките и духовните врски што ги држат заедниците обединети.
Така, довербата отстапува место на стравот, дијалогот се заменува со сомнеж, а угнетувањето создава насилство.
Папата го потсети присутните и на зборовите на папата Фрањо: „Нема мир таму каде што нема верска слобода, каде што нема слобода на мислата и говорот, каде што нема почитување на ставовите на другиот.“
Да се промовира верската слобода во секојдневниот живот
Светиот Отец се осврна и на историската улога на Црквата во одбраната на верската слобода. Во Декларацијата Dignitatis Humanae на Вториот ватикански собор, Црквата го потврди признавањето на ова право во правниот и институционалниот живот на секоја држава.
„Заштитата на верската слобода,“ истакна Папата, „не може да остане апстрактен принцип — таа мора да се живее, брани и промовира во секојдневието.“
Мисијата на Фондацијата „Помош на Црквата во неволја“
Мисијата на оваа фондација е да промовира прошка, помирување и солидарност, да ја придружува Црквата таму каде што е во опасност и да ѝ даде глас на оние што не можат да се слушнат.
Повеќе од дваесет и пет години, годишниот извештај на фондацијата за верската слобода сведочи за скриеното страдање на многумина и дава видливост на прогонетите.
Папата ги пофали активностите на фондацијата: обновата на капели, поддршката на монашки заедници, набавката на радио-станици и возила — сето тоа дела што ја зајакнуваат духовната и моралната ткаенина на општеството.
„Со ваквите дела,“ рече Папата, „вие станувате вистински миротворци.“
Во Централноафриканската Република, Буркина Фасо, Мозамбик и во епархијата Чиклајо во Перу, каде што и самиот служел, Светиот Отец ја истакна Црквата како жив знак на хармонија и братство — сведоштво дека поинаква иднина е можно.
„Не се изморувајте да правите добро“
Папата Лав XIV го заврши своето обраќање со охрабрување:
„Никогаш не се изморувајте да правите добро, зашто плодовите на вашиот труд се гледаат во безброј животи кои ја слават љубовта на нашиот Небесен Отец.“
Ватикан њуз/к.мк