Папата: Ако сакаш Исус да те повика, признај се за грешник

Папата: Ако сакаш Исус да те повика, признај се за грешник

Ако сакаш Исус да те повика, признај се за грешник – рече папата Фрањо на светата Литургија на 21 септември 2017 година во домот Света Марта. Во својата проповед се фокусираше на преобраќањето на свети Матеј, а токму тој настан на платно го овековечи познатиот италијански сликар Караваџо.

Папата прикажа три стадиуми од таа епизода: средба, славење и соблазна. Откако го излекувал фатениот, Исус го среќава Матеј кој седел во митницата. Бидејќи бил цариник, бил омразен и Евреите го сметале за предавник на народот.

Исус го виде и му вели: „Врви по Мене!“ Матеј станал и тргнал по него, како што сведочи денешното Евангелие. Присетувајќи се на делото на Караваџо, Папата зборуваше за погледот на свети Матеј: едното око му е насочено кон нашиот Спасител, а другото кон парите: поглед кој дури бил вознемирен. Овде е и милосрдниот Исусов поглед, кој го гледа со многу љубов. Се скршил отпорот на тој човек, кој сакал пари: станал и тргнал по Исус. Тоа е борбата помеѓу милосрдието и гревот – рече Светиот Отец.

Исусовата љубов можела да влезе во срцето на тој човек – продолжи папата Фрањо – бидејќи тој (Матеј) знаеше дека е грешник, знаеше дека никој не го сака, дека дури е омразен. Токму таа свест дека е грешник ја отворила вратата на Исусовото милосрдие. Затоа Матеј го напуштил сето тоа и тргнува по Господ. Ова е средба на грешник и Исус.

Папата рече дека првиот услов за да бидеме спасени, е да чувствуваме дека сме во опасност; првиот услов за да бидеме излекувани е да се чувствуваме болни. А да се чувствуваш грешник е првиот услов за да го примиме тој милосрден поглед. Да размислуваме за Исусовиот поглед, толку е убав, добар, милосрден. И кога се молиме, го чувствуваме тој поглед на себе: тоа е поглед на љубовта, поглед на милосрдието, поглед кој нè спасува. Не плашете се – рече папата Фрањо.

И Матеј како Закхеј се чувствува радосен и го повикува Исус во својот дом на ручек. Вториот стадиум е прославата. Матеј ги поканил своите пријатели кои припаѓале на „истиот занает“, грешници и цариници. Сигурно на масата му поставувале на Господ прашања и тој им одговарал. Тоа нè потсетува на она што Исус го кажува во 15 глава од Евангелието според Лука: „Ви велам, дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење.“ (Лк 15, 7). Тоа е прослава за средбата со Отецот, прослава на милосрдието. Исус „го троши милосрдието“ за сите луѓе – рече Папата.

Потоа следува третиот стадиум: соблазната. Фарисеите ги виделе цариниците и грешниците како заедно со Исус седат на масата и на неговите ученици им рекле: „Зошто вашиот Учител јаде и пие со митници и грешници?“ Соблазната секогаш започнува со тие зборови: „Како тоа…“ – продолжи Светиот Отец – кога ќе ја слушнете таа фраза, смрди, а потоа следува соблазна. Тие биле соблазнати заради нечистотата од неодржувањето на законот. Многу добро ја познавале „доктрината“, знаеле како се оди по „патеката на Царството Божјо“, знаеле подобро од сите останати како треба да се однесуваат, но ја заборавиле првата заповед на љубовта. Биле заклучени во „кафезот на жртвата“, а притоа можеби мислеле: Му принесуваме жртва на Бог, правиме сè што треба, така ќе се спасиме. Накратко, верувале дека спасението доаѓа од нив самите, се чувствувале сигурни. Но, тие не биле во право: Бог е Тој Кој нè спасува, Исус Христос нè спасува – рече папата Фрањо.

Тоа прашање „како тоа“? – продолжи Папата – многу пати сме го слушнале да го изговараат католиците кога ќе видат дела на милосрдието. Како тоа? Исус е многу јасен: „Оди и учи.“ И ги испраќа да учат, нели? Одете и учете што значи милосрдие. Тоа е она што ми е мило, а не жртвата, бидејќи не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците. Ако сакаш Исус да те повика, признај се за грешник – рече Светиот Отец.

Папата така нè поттикна да се признаеме за грешници, не на апстрактен начин, туку со конкретните гревови: сите ние ги имаме многу. Да дозволиме Исус да нè погледне со својот милосрден поглед полн со љубов – рече папата Фрањо и заклучи: Ова е вратата за средба со Исус: да се признаеме онакви какви што сме, дека сме грешни. И Тој доаѓа, и се среќваме со Него. Прекрасно е да го сретнеш Исус!

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот