Папата: Ако го тргнеме Исус, што останува од Божиќ

Папата: Ако го тргнеме Исус, што останува од Божиќ

На третата недела од адвентот која ја нарекуваме „недела на радоста“ – рече Папата во текот на пладневниот наговор кој го одржа на 17 декември 2017 година, на плоштадот Свети Петар – Литургијата нè повикува да го примиме духот кој благодарение на него, сето тоа се случува, а тоа е токму радоста.

Изминатите недели Литургијата нагласуваше што значи да се бдее и што навистина значи да го подготвиме патот за Господ – рече папата Фрањо, во текот на пладневниот наговор кој го одржа на 17 декември 2017 година, на плоштадот Свети Петар. На третата недела од адвентот која ја нарекуваме „недела на радоста“ – рече Папата – Литургијата нè повикува да го примиме духот кој благодарение на него, сето тоа се случува, а тоа е токму радоста. Свети Павле нè повикува да се подготвиме за доаѓањето Господово заземајќи три става: постојана радост, упорна молитва и постојана благодарност.

Првиот став е постојаната радост – истакна Папата и додаде: „Секогаш бидете радосни,“ вели свети Павле, а тоа значи дека треба да бидеме радосни и кога работите не одат според нашите желби. Неволјите, тешкотиите и страдањата поминуваат низ секој живот, сите сме ги искусиле; и реалноста околу нас често изгледа негостољубива и неплодна, слична на пустина во која одекнува гласот на Иван Крстителот, како што потсетува денешното евангелие. Токму зборовите на свети Иван Крстител откриваат дека нашата радост почива на сигурноста дека таа пустина е населена: „Меѓу вас – вели Иван Крстител – стои оној кој не го познавате.“

Тој е Исус кој Отецот го испрати и кој доаѓа, како што истакнува Исаија, „за да им благовествувам на бедните, Ме испрати да лекувам сокрушени по срце, да им приповедам на заробените и на затворениците – отворање на темницата, да ја проповедам благопријатната Господова година“ – истакна Светиот Отец и рече: Тие зборови кои Исус ќе ги каже во својот говор во синагогата во Назарет, објаснуваат дека неговото послание во светот е да ослободува од личниот и општествениот грев и ропството кое го предизвикува. Дојде во светот на луѓето да им даде достоинство и слобода на деца Божји, што само Тој може да ги даде.

Радоста која го каректеризира исчекувањето на Месијата е темелот на упорната молитва, тоа е вториот став – рече папата Фрањо и продолжи да објаснува: „Молете се постојано,“ вели свети Павле. Преку молитвата можеме да влеземе во цврст однос со Бог, Кој е изворот на вистинската радост. Христијанската радост не се купува, не може да се купи, доаѓа од верата и од средбата со Исус Христос кој е причината за нашата среќа. Колку повеќе сме вкоренети во Христос, толку сме поблиску до Исус, повеќе наоѓаме внатрешен спокој, дури и среде секојдневните противречности – нагласи Папата и рече – заради тоа христијнинот, откако го сретнал Исус не може да биде пророк на несреќата, туку сведок и гласник на радоста, радоста која треба да ја сподели со другите, радоста која е заразна и која животниот пат го прави помалку напорен.

Третиот став кој свети Павле го изразува е постојаната благодарност, односно благодарната љубов кон Бог – рече Светиот Отец и објасни: Тој во суштина е многу великодушен кон нас и ние сме повикани секогаш да ги препознаваме Неговите дарови, Неговата милосрдна љубов, трпението и добрината, живеејќи така во постојано благодарење.

Радоста, молитвата и благодарењето – повтори папата Фрањо – се трите ставови кои нè подготвуваат, за Божиќ да го живееме вистински. Во овој последен дел од адвентот, да се довериме на мајчинското застапништво на Дева Марија. Таа е „причината на нашата радост,“ не само затоа што го родила Исуса, туку затоа што постојано нè испраќа до Него.

Од сè срце се придружувам на апелот на нигериските епископи за ослободување на шесте чесни сестри на Евхаристиското Срце Христово кои пред еден месец се киднапирани од својот манастир во Игуирујакхио – рече Папата по својот пладневниот наговор и додаде – силно се молам за нив и за сите други луѓе кои се наоѓаат во таа болна состојба, конечно за Божиќ да можат да се вратат во своите домови.

Ве поздравувам сите вас, семејствата, парохиските заедници кои дојдовте во Рим од целиот свет – рече на крајот Светиот Отец и се обрати на децата: Срдечно ги поздравувам децата кои дојдоа на благословот на статуата на Детето Исус во организација на Центарот на римските оратории. Убаво е што на еден од вашите плакати можам да прочитам – вели Папата – Ораториумот е токму за секого од нас, секогаш има едно место за тебе… Кога се молите дома, пред јаслите, со своите семејства, дозволете со својата нежност да ве привлече Детето Исус кој е роден меѓу нас, сиромашен и слаб за да ни ја даде својата љубов. Тој е вистинскиот Божиќ. Ако го тргнеме Исус, што останува од Божиќ? Празна забава. Не тргнувајте го Исус од Божиќ, Исус е центарот на Божиќ, Исус е вистинскиот Божиќ – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот