Отворена Година на семејство во Апостолскиот егзархат во Македонија

Со света архиерејска Литургија во парохиската црква свети пророк Илија во Радово, на 8 јануари на празникот Собор на Пресвета Богородица (Светото Семејство), Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов ја отвори Годината на семејство во Апостолскиот егзархат во Македонија. Во преполната црква епископот Стојанов упати на пораката по повод Годината на семејство, која носи наслов: „Семејството – Света Тајна на Христос и Црквата“. Во пораката меѓу другото стои:

Бракот и семејството од Бога се востановени од самото создавање. На почетокот Бог создаде човек, ги создаде како машко и женско. Семејството во својата целост стана исполнување во Христос, кој достоинството на бракот го издигна до света Тајна. Божјата милост е темел на полнотата на животот во семејството. (…)

Времињата се менуваат, културите и цивилизациите исто така, но човечката приорода останува. Заради таа непроменливост на човечката природа и Божјиот план за човекот, во текот на оваа година особено сакаме да размислуваме, да молиме и да го усвојуваме тоа што Бог ни го порачува во оваа историско време за задачите и посланието на христијанските семејства во современиот свет.

Црквата се чувствува повикана да им се обрати на семејствата со јасна порака: секое семејство е црква во мало, односно семејна заедница втемелена на сакраментален брак, е жива клетка на Црквата (…)

Загледани во воплотеното таинство на светото Семејство – Исус, Марија и Јосиф – во текот на оваа година сакаме од нив да учиме, со нив да другаруваме и нив да ги молиме на ова наше време да му се врати достоинството и убавината на семејството, на начин тоа да биде она што е – заедница на љубов и место во кое живее Бог.

Посакувајќи им на сите верници и на сите луѓе со добра волја милост на овој вернички пасторален пат, над сите вас повикувам Божји благослов и заговор од светото Семејство, отворајќи ја оваа година, Година на Семејството во нашата Бискупија и во нашиот Егзархат со пораката „Семејството – света Тајна на Христос и Црквата“, стои во пораката на епископот Стојанов.

На крајот од светата Литургија се молеше молитвата за година на Семејството, која пак ќе се моли во сите цркви во текот на целата Година на семејството.

Молитва во Година на семејство

Пресвето Тројство Еден Боже, ти благодариме за милоста што Твојот Единороден Син – нашиот Спасител – влезе во нашата историја преку човечкото семејство. Со своето раѓање, работа и молитва го посвети семејниот живот.Твојата Црква, според доследното живеење на Евангелието, е заедница на семејства во кои и денес „Словото стана Тело“. Подари им на нашите семејства милост во обновата на светиот Брак, верно служење во љубовта и вистинското сведочење на Твојата присутност во нашите семејства.

Оче наш…

Исус, Маријо и Јосифе – вам ви ги посветуваме нашите семејства. Сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

го*ко

фото: Кирил Стојанов

Категорија: Македонија

За авторот