Од проповедта на Папата: Само Светиот Дух го прави срцето послушно

Единствено Светиот Дух го прави срцето послушно на Бог и го ослободува за љубов, истакна папата Фрањо на светата Литургија на 9 јануари во капелата на домот Света Марта. Животните болки – рече Папата – можат човекот да го направат затворен, додека љубовта го ослободува. Курсот по јога не може да го поучи срцето да го почувствува Божјото татковство, како што ниту курсот по зен-духовност не може да го направи послободен за љубов. Тоа може единствено Светиот Дух.

По вчерашниот евангелски извештај во кој Исус ги умножува лебот и рибите и го нахранува мноштвото, денес читаме за апостолите кои се престрашиле кога Исус доаѓа одејќи по морето. Апостолите се исплашиле и не го сфатиле чудото со умножувањето на лебовите, бидејќи нивното срце стврднало – смета папата Фрањо.

Срцето може да биде камено заради многу причини. На пример заради „болни искуства“. Тоа се случило на учениците на патот кон Емаус, кои се плашеле да не бидат „уште еднаш“ заведени. Тоа се случило и со Тома кој одбивал да поверува во Исусовото воскресение. Уште една причина за стврднување на срцата – додаде Папата – е затворањето самите во себе.

Се работи за создавање на свет затворен во себе – без разлика дали станува збор за личност, за заедница или за парохија – објасни папата Фрањо. Таа затвореност може да се отсликува во многу работи: помислуваме на горделивост, самодоволност, држење дека сме подобри од другите, суета. Постојат луѓе – огледала кои се затворени во себе за постојано да се гледаат – религиозни нарцисти. Имаа стврднато срце бидејќи се затворени и сакаат да се бранат со ѕидовите кои околу себе ги подигнуваат – рече Папата.

Постојат и такви кои се барикадираат зад законот, држејќи се за словото на заповедите. Станува збор за проблемот на несигурност: оној кој ја бара силата во словото на законот е сигурен на ист начин како што е сигурен човекот зад решетките во затвор: тоа е сигурност без слобода; спротивно на она што што Исус дојде да ни го донесе: слобода – рече папата Фрањо.

Срце кога ќе стврдне не е слободно, а не е слободно, бидејќи не љуби. Совршената љубов го гони стравот – како вели свети Иван во денешното читање. Во љубовта нема страв, бидејќи стравот претпоставува казна; затоа кој се плаши не е совршен во љубовта. Не е слободен. Секогаш се плаши да не му се случи нешто болно, тажно, што ќе наштети на неговиот живот или ќе го згрози вечното спасение… Толку замислување – додаде Папата – бидејќи не се сака. Кој не љуби не е слободен. Срцето му стврднало бидејќи сеуште не научил да љуби.

Кој тогаш ќе нè научи да љубиме? Кој ќе нè ослободи од таквото стврднување – праша Светиот Отец и одговори: „Единствено Светиот Дух“. Можеш да поминеш илјадници катехетски курсеви, илјадници курсеви за духовност, јога, зен и слично. Но, ништо од тоа нема да може да ти ја даде слободата на (Божјо) дете: Единствено Светиот Дух го придвижува твоето срце да каже „Оче“. Само Светиот Дух може да излезе, да пробие такво стврднато срце и да го направи – не толку меко – колку послушно срце. Срце послушно на Господ и слободата на љубовта – истакна на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот