Од проповедта на Папата: Бог му даде на човекот нов закон на љубовта

„Бог го ослободи својот народ преку Својот Син и му го даде нов закон на љубовта“ е централната мисла на папата Фрањо на светата Литургија на 5 септември во домот Света Марта. Книжниците сакале да го доведат Исус во незгодна положба. Го прашувале зошто Неговите ученици не постат, но Господ не паѓа во замка, туку им одговара со примерот за сватовите и за виното во мевовите.

„За новото вино во нови мевови. Што ни дава Евангелието?“, праша Папата. „Радоста е новоста. Учителите на законите биле затворени во своите заповеди и правила. Свети Павле зборувајќи за нив зборува како пред да дојде верата – т.е. Исус – сите сме под јаремот како затвореникот под законот. Он не бил лош, но бил јарем до доаѓањето на откровението во Исус.

Народот, рече Папата „имал закон предаден од Мојсеј“, а потоа и толку „мали обичаи и закони“ кои ги запишале учителите. „Законот ги чувал, но како затвореници! Биле во исчекување на ослободувањето, конечната слобода која Бог ја дал на својот народ преку Својот Син.“ Новоста на Евангелието е во тоа: откупување од законот.“ Истакна Папата, продолжувајќи:

„Некој од вас може да ми каже: Зарем христијаните немат закони? Да! Исус вели: Не дојдов да го укинам законот, туку да го исполнам. А полнината на законот на пример се блаженствата, законот на љубовта, потполната љубов, како што Исус нѐ љуби. И кога Исус ги опоменува учителите на законите, ги опоменува затоа што со законот не го чувале народот, туку го поробиле со многуте уредби, мноштвото мали работи кои требало да се извршуваат.“

„Исус донесува ослободување“, истакнува Папата, „и затоа не се плашел да ги менува работите според законот на Евангелието. И свети Павле разликува синови на законот и синови на верата. Така и Црквата од нас бара некои промени: бара да ги напуштиме расипливите структури, да не им робуваме – и да ги земеме оние по новиот закон на Евангелието.“

„Евангелието е новост! Евангелието е свадба. И може да се живее во полнина само со радосно и обновено срце. Извршувајте го законот“, продолжи Папата „но законот кој Христос го исполнил: законот на љубовта, законот кој произлегува од блаженствата. Нека Господ ни подели милост за да не бидеме затвореници, туку радосни и слободни во новоста на Евангелието“, рече на крајот Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот