На 1 септември 2017 година Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја престави програмата за апостолската посета на папата Фрањо на Колумбија од 6 до 11 септември. Папата ќе биде сместен во Богота, но ќе посети уште три поголеми колумбиски градови во облик на еднодневен излет.
Започнувајќи од 6, а завршувајќи на 11 септември, по стапките на папата Павле VI и папата свети Иван Павле II, кои во 1964 и во 1986 година патуваа во Колумбија, тоа ќе биде 20 меѓународно патување на папата Фрањо.
Тоа не е прв пат Хорхе Бергољо да ја посети Колумбија, бидејќи таму веќе бил како свештеник во седумдесетите години, а два пати и како епископ и член на Бискупската конференција на Латинска Америка – CELAM.
Како што е истакнато на конференцијата за медиумите, неизбежно е оваа посета да се гледа од политичка перспектива, бидејќи народот во Колумбија е сериозен во напорите околу мировниот процес. Владата потпиша договор со ФАРК – група бунтовници – во ноември минатата година по 52 години конфликт и 260.000 загинати, 60.000 исчезнати и повеќе од 7 милиони раселени луѓе.
Затоа посетата на Папата се случува во клучен момент на мировниот процес, кој силно е подржан од Католичката Црква и самиот Папа.
Сепак, директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Грег Бурке, нагласи дека посетата на Папата, како и секогаш, насекаде е од пасторална природа и дека патува во голема католичка земја за да му ја пренесе на своето Стадо пораката на Евангелието и да ги охрабри Колумбијците на нивниот пат на вера и помирување.
Во текот на петдневната посета, папата Фрањо ќе посети четири града: Виљавиченко, Меделин, и Картагена, и тоа во облик на еднодневен излет од главниот град Богота, каде ќе биде сместен. Како и секогаш, ќе се сретне со политичките и црковните водачи, но и со групи жртви, со семејства, со лица со инвалидитет, со сиромашни лица и со поранешни герилци; со браќа епископи, и со Бискупската конференција на Латинска Америка, со свештеници, монаси и монахињи и лаици.
Папата Фрањо ќе ги предводи литургиските славења во сите четири града, а се очекува дека неговите говори и проповеди ќе се однесуваат на прашањата кои се посебно важни за Колумбијците, како што се: грижата за создаденото, моќта за помирување, одбраната на животот и поддршката на човечкото достоинство и човековите права. Во градот Виљавиченко ќе беатифицира двајца католички свештници убиени во конфликтите и во Картагена ќе се помоли во црквата Свети Петар Клавер – исусовец мисионер и заштитник на мисиите меѓу црнците.
РВ/к.мк