Објавена втората енциклика на папата Фрањо „Лаудато си“
Со „Лаудато си – (Laudato si), грижа за заедничкиот дом“ започнува новата енциклика на Папата за екологијата, која е објавена на 18 јуни во новата Синодална сала во Ватикан. На прес конференцијата учествуваа кардинал Турксон, претседател на Папскиот совет за правда и мир, православниот митрополит Пергамски Иван Зизулас, како претставник на Вселенската патријаршија и Православната црква, професор Џон Шелнхубер, основач и директор на институтот за климатски промени во Потсдам. Енцикликата е објавена на италијански, француски, англиски, германски, шпански и португалски јазик.
Целосната екологија треба да стане нова парадигма за праведност, бидејќи природата не е „едноставна рамка“ на човечкиот живот – е централната тема на втората енцилика на папата Фрањо „Laudato si’“, додека насловот е земен од „Песната на созданијата“ на свети Фрањо од Асизи. Енцикликата е поделена на шест поглавја, меѓу останатото содржи размислувања од епископски конференции од различни делови на светот, а завршува со две молитви за зачувување на создаденото: една меѓурелигиска и една христијанска.
Во целосната екологија како нова парадигма на праведноста неодвоиви се грижата за природата, праведноста кон сиромашните и општествената ангажираност. Во шест поглавја на новата енциклика Папата истакнува дека нашата планета, која е злоупотребувана и искористувана, бара „еколошко преобраќање“ и „промена на насоката“ како човекот би ја презел одговорноста за задачата, која е „грижа за заедничкиот дом“. Тоа вклучува искоренување на бедата, внимание кон домородците и праведен пристап кон богатствата на планетата за сите луѓе.
Светиот Отец во енцикликата ги истакнува злата од кој е погодена планетата: неправедност, климатски промени, намалување на биоразноликоста, еколошкиот долг на Северот спрема Југот, поврзан со неурамнотежена трговија, антропоцентризам, превласт на технократијата и финансиите, поради кои се спасуваат банки на штета на населението, приватната сопственост која не е подредена во корист на општото добро. Изгледа дека преовладува „култура на отфрлање“, која завршува со полова злоупотреба на децата, напуштање на старите лица и поробување на луѓе, посебно во трговијата со крвавите дијаманти. На таков начин размислуваат и многу мафијашки групи, трговци со човечки органи, трговци со дрога и оние кои ги отфрлаат неродените деца, бидејќи не се вклопуваат во плановите на родителите – предупреди Папата.
Поради сето ова наведено потребна е „храбра културна револуција“, на која на прво место ќе бидат вредноста и грижата за секој човечки живот, бидејќи заштитата на природата „не е споива со оправдувањето на абортусот“ и „секоја злоупотреба на било кое создание се противи на човечкото достоинство“. Светиот Отец ја истакнува потребната грижа за вработување, кое е дел од животот на нашата планета и да се бара дијалог помеѓу полититката и економијата, во име на општото добро.
На меѓународно поле, Папата не се колеба остро да ги критикува состаноците на челниците посветени на екологијата, кои не ги исполнија очекувањата поради недостаток на политичка одлука. На национално ниво пак, папата Фрањо поттикнува на отфрлање на логиката за брза заработка и корупција, како и прифаќање на искрени и транспарентни процеси за одлучување. Накратко, потребна е нова економија, која посветува поголемо внимание на етиката.
Исто така е потребна фомрација за целосна екологија, како би се сфатило дека околината е Божји дар, заедничко наследство со кое треба да управуваме, а не да го уништуваме. Доволни се мали секојдневни знаци: да се селектира собраниот отпад, да не се фрла вода и храна, да се гасат непотребните светла и слично. На тој начин можеме да почувствуваме дека „имаме одговорност кон другите и кон светот и дека се исплатува да се биде добар и чесен“.
На крајот од енцикликата Папата повикува погледот да го упатиме кон светите Тајни, посебно кон Евхаристијата, „која го соединува небото и земјата и нѐ упатува да го чуваме сето создадено“. Laudato si’– Биди фален, бидејќи по сонцето, на крајот ќе се сретнеме лице во лице со убавината на Бог“, завршува Светиот Отец.
РВ/го*ко
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк