Нунцијот во Сирија: Папата се моли за христијаните

„Очигледно е дека Папата постојано мисли на нас, на положбата на христијаните и на сите луѓе кои страдаат“, изјави во интервју за Радио Ватикан апостолскиот нунциј во Дамаск, монсињор Марио Џенари.

Од Арича, гратче близу Рим, каде е на духовни вежби со членовите на Римската Курија, папата Фрањо ја следи со загриженост ситуацијата во Сирија. Драматичните вести за цивилното население, а особено за христијанското малцинство продолжуваат да пристигнуваат.

Со напредувањето на џихадистите од самонаречената Исламска држава во североисточниот дел на Сирија, се уништени голем број населени места во кои живеат претежно христијани: бројот на заробените, христијани стигна до околу 220 лица.

„Папата е информиран редовно и неговата молитва секогаш е усмерена на страдањето на луѓето. Се разбира, фактите предизвикуваат страв, особено меѓу малцинските групи, кои се најмногу изложени на ризик и кои секогаш биле најслабата алка од синџирот. Сметам, сепак, дека не само христијаните, туку и сите други луѓе се плашат од настаните, особено од она што се случува во реоните кои се под контрола на џихадистите“, вели монсињор Џенари.

На прашањето дали христијаните се чувствуваат напуштени од Меѓународната заедница, монсињор Џенари одговара дека такво чувство имаат сите, а особено христијаните. За жал тие не гледаат конкретни резултати.

За тоа како да се запре офанзивата на џихадистите, монсињор Џенари е на мислење дека „Меѓународната заедница бара начин да оствари некои линии на дејствување. Треба да се продолжи по овој пат, со обединување на напорите на ОН. Некои мерки веќе беа прифатени, како оваа да се прекине доставата на храна, банкарските сметки, нафтените резерви; или да бидат запрени оние кои, измамени од оваа идеологија, се упатуваат од Европа кон овие области“.

Нунцијот зборува и за катастрофалната хуманитарна положба: „Станува збор за една од најтешките хуманитарни катастрофи по Втората светска војна. Тоа е пред очите на сите! Треба да се реши ситуацијата со граѓанскиот конфликт, но во исто време да се запре офанзивата на калифатот“. „Во Сирија веќе има два фронта на војна“, посочува монсињор Џенари „едниот е на граѓанската војна, која трае веќе четири години: загинати се над 200 илјади луѓе и над еден милион повредени, повеќе од 7 милиони останаа без дом, 4 милиони се бегалци. Од друга страна, постојат овие сурови и ужасни дела во областите под контрола на калифатот. Да не заборавиме на овие два фронта, еден од друг полош“.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот