Никогаш не попуштајте пред искушението дека не може да ви се прости– порача папата Фрањо на светата Литургија во базиликата Свети Петар на 6 ноември 2016 година по повод Јубилејот на затворениците.
Никогаш не попуштајте пред искушението дека не може да ви се прости. Без разлика за што ве обвинуваат вашите срца, колку тоа да било големо или мало, „Бог е поголем од нашето срце“ (1Ив 3, 20). Треба да имаме доверба во тоа милосрдие – порача папата Фрањо на светата Литургија во базиликата Свети Петар на 6 ноември 2016 година по повод Јубилејот на затворениците. На литургиското славење присуствуваа околу 4000 луѓе, а меѓу нив околу 1000 затвореници. Папата истакна дека денешните литургиски читања испраќаат порака на надеж што беше и мислата водителка на неговата проповед.
„Надежта е Божји дар“ продолжи Светиот Отец која е „вкоренета длабоко во срцето на секој човек за да го расветлува овој живот кој често е вознемирен и замаглен со голем број болни и тажни ситуации. Треба да ги негуваме корените на нашата надеж за да донесеме плодови и тоа првенствено со сигурноста во Божјата близина и сочувството и покрај злото кое сме го направиле. Не постои делче од срцето кое Божјата љубов не може да го допре. Кога некој ќе згреши милосрдието на Отецот е тука присутно, разбудува каење, простување, помирување и мир“, рече Папата.
Прекршувањето на законот вклучува плаќање на казна, а загубата на слободата е најлошиот дел од издржувањето на казната затоа што нѐ погодува длабоко. Но – смета Светиот Отец – надежта не смее да се поколеба, „здивот“ на надежта никој и ништо не може да го уништи. „Нашето срце секогаш копнее по добрината. Милосрдието кое Бог постојано ни го искажува нѐ задолжува затоа што Он никогаш нѐ не напушта“, истакна Папата.
Тој гледа во говорот на свети Павле како „Бог на надежта“ (Рим 15, 13) – на одреден начин – самиот Бог е надеж. „Неговото милосрдие не му дава мир. Тој е како таткото од параболата која се надева на враќањето на блудниот син (Лк 15, 11-32). Бог не мирува сѐ додека не ја пронајде загубената овца (Лк 15, 5). (…) Надежта е доказ за силата на Божјото милосрдие кое се наоѓа длабоко во нашите срца. Тоа милосрдие нѐ повикува да продолжиме да гледаме кон напред и со вера и посветеност на Бог да ја надминеме нашата наврзаност на злото и гревот,“ порача папата Фрањо.
Светиот Отец исто така предупреди на лицемерниот став според кој за повредата на законот единствениот одговор е затворот. „Не размислуваме за можноста дека луѓето можат да ги променат своите животи; имаме малку доверба во рехабилитацијата и реинтеграцијата во општеството. Но на тој начин забораваме дека сите ние сме грешници и дека – без да сме свесни за тоа – исто така „затвореници“. Понекогаш сме затворени внатре во сопствените предрасуди или сме заробени од идолите на лажното чувство на благосостојба. Исто така знаеме да заглавиме во нашите сопствени идеологии или ги апсолутизираме законите на пазарот, дури и кога ги газат другите луѓе. Заробени сме зад ѕидовите на индивидуализмот и самодопаѓањето, лишени од вистината која нѐ ослободува. Не смееме вперувањето прст во другиот да ни биде алиби за сокривање на сопствените контрадикторности“, рече Папата.
„Не дозволувајте минатото да ве зароби“, ги предупреди присутните. Папата согледува дека историјата не може одново да се пишува, дури и кога тоа би го сакале, „но историјата која започнува денес (…), сѐ уште треба да биде пишувана“ и тоа „со милоста Божја и со вашата лична одговорност“ порача и ги одврати од размислувањето дека не може да им биде простено затоа што Бог тоа може да го направи и треба да се има доверба во Неговото милосрдие.
Само Божјата сила, неговото милосрдие може да излечи одредени рани. Каде што на насилството се одговара со простување, таму може и срцето кое згрешило да биде освоено од љубовта која го победува секој облик на зло. На овој начин Бог помеѓу жртвата и сторителот на злото подигнува вистински сведоци и работници на милосрдието“ рече на крајот од својата проповед папата Фрањо.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк