Од Евангелието според Иван (1,43-51)
На другиот ден Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филипа, па му рече: „Врви по Мене!” И Филип беше од Витсаида, од градот на Андреја и Петра. Филип го најде Натанаила и му рече: „Го најдовме Исуса, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот, и Пророците!” А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?” Филип му одговори: „Дојди и види!” Исус, пак, кога го виде Натанаила да иде при Него, рече: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство.” Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?” Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.” Му одговори Натанаил и рече: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот Израилев!” А Исус, одговарајќи, му кажа: „Веруваш, оти ти реков дека те видов под смоквата; ќе видиш повеќе од ова.” И пак рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки.”