Се наоѓаме во еден исклучително убав период од литургиската година, имено периодот помеѓу Вознесението Господово и Педесетница односно Духовден. И тој период како што знаете посебно е наменет за молитва, заедништво и исчекување на слегувањето на Светиот Дух. Откако Христос се вознесе апостолите заедно со Пресвета Богородица останале во Ерусалим во собата на Последната вечера еднодушни во молитвата. Токму на тоа сме повикани и ние овие денови да останеме заедно и да бидеме еднодушни во молитвата.
Апостолите сами, без силата на Светот Дух не биле кадарни да навестуваат, биле премногу слаби, страшливи. Да потребна ни е силата од Светиот Дух да слезе врз нас за да можеме да опстанеме на нашиот пат кон светоста. И самите сме сведоци низ колку искушенија поминуваме, не ретко и паѓаме од нив, но силата на Светиот Дух е таа која одново нè раѓа за заедништвото со Господ.
Но што е целта на сето тоа? Што е смислата на Христовото послание, неговото воскресение, вознесение и силата од Светиот Дух? Токму она што Господ Исус Христос ни го објавува во денешното Евангелие – живот вечен. И секако на прашањето што е живот вечен Исус во денешното Евангелие ни дава исто така и одговор: А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа.
Од тука ни се наметнува друго прашање: Дали јас го познавам Единиот и вистински Бог и од него испратениот Исус Христос? Оној Христос кој заради мене и моето спасение зеде човечко тело, пострада, умре и воскресна. Можеме да кажеме дека Христос за нашето спасение, за секој од нас се дарува потполно, па дури и сопствениот живот. Она што беше Христовото послание, тој тоа го направи, ни овозможи секој од нас да има живот вечен.
Сега се префрламе на нас самите. Што ние направивме и правиме за да имаме живот вечен. Колку јас го барам Господ во мојот секојдневен живот? Колку копнеам за него? Дали воопшто го познавам? А тој и преку денешното Евангелие, но и постојано ни се објавува со цел да го запознаеме него, неговото послание и неговата неизмерна љубов.
„Го јавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот“ вели Исус во денешното Евангелие. Какви силни и прекрасни зборови денес упатува Исус преку ова Евангелие и сака да нè наврати на нашето детство, млади години и да размислуваме, да одвоиме кратко време за неколку прашања: Кој нè запозна со Господ Исус Христос. Преку кој Бог го објави на нас своето име за да го познаеме? Дали тоа биле нашите родители, свештеници, на веронаука, некои од вашите браќа и сестри или пак вашите баби и дедовци? Можеби Бог сме го познале преку некои искуства во животот или преку законот или убавината на природата. Да понекогаш Божјите патишта се чудни, но тие секогаш сакаат да нè доведат до него, да го познаеме за да имаме живот вечен.
Но исто така, во пресрет на празникот Педесетница, односно Духовден, знаеме дека после слегувањето на Светиот Дух, започнува ново време на Црквата, навестување на Евангелието преку апостолите, на сите народи, до краиштата на светот. Затоа Исус во денешното Евангелие ќе каже дека зборовите, што си Ми ги дал, им ги предадов, и тие ги примија и разбраа. А ние ако христијани сме повикани токму на тоа, да го примиме Словото во нас, да живее и да го разбереме, да го спознаеме Господ, за потоа да можеме да го навестиме Христос насекаде каде што можеме: дома, на училиште, факултет, работно место, со пријателите, преку социјалните мрежи…
Денес и преку ова Евангелие треба да си поставиме едно многу важно прашање: Како ние денес да го навестиме, да го објавиме Исусовото име на луѓето? Како сведочиме за неговата љубов посебно со оние кои сме секојдневно во контакт? Тоа можат да бидат мали и едноставни дела, но важни ако се прават во името Исусово.
Затоа и денешната недела е посветена на светите отци од Никејскиот собор, за да нè потсети на делото кое продолжува после Духовден, имено Христос продолжува да живее преку Црквата, а тој е гарант за единството на Црквата и вистинитоста на она што го навестува. Во денешното Евангелие при крајот Господ Исус Христос искажува една молитва за своите ученици: Веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас идам при Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние, што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние. Да бидеме едно, еднодушни во молитвата и храбри во навестувањето. За да ја имаме Неговата полна радост.
о. Гоце Костов