На средбата со Бан Ки-Мун Папата повика на мир во Сирија, Кореја и Африка

Ватикан, 9.4.2013 /к.мк/ – Кризата во Кореја и Сирија и улогата ОН за мирот на планетата беа главните теми на средбата меѓу папата Фрањо и генералниот секретар на Светската организација Бан Ки-Мун, кого Папата го прими денеска на аудиенција во Ватикан. Главна тема на разговорите беа „конфликтните ситуации и итната хуманитарна потреба во Сирија, Кореја и Африка, каде што мирот и стабилноста се загрозени“, се вели во соопштението од Ватикан. Трговијата со луѓе, посебно жени, бегалци и емигранти е другата главна тема на разговорите. „Папата Фрањо потсети на придонесот на Католичката црква во почитувањето на целокупното човечко достоинство, што придонесува во реализацијата на врховните цели на организацијата“, се вели во ссопштението. Од своја страна, генералниот секретар на ОН ја изложи својата петгодишна програма на делување во неговиот втор мандат на функцијата, која е насочена кон „превенција на конфликтите, меѓународната солидарност и еднаквиот економски развој“. „Средбата се случува во контекст на традиционалните ауденции на папите со генералните секретари на Обединетите нации со која сака да се подвлече највисоката оценка на Светата Столица за централната улога на ОН во зачувувањето на мирот во светот, промоцијата на општото добро за човештвото и во заштитата на основните човекови права“, појаснува соопштението. По аудиенцијата со Папата Бан Ки-Мун оствари разговори и со државниот секретар на Ватикан, Тарчизио Бертоне, придружуван од монсињор Антоан Камилиери, подсекретар за Односи со државите.

Бан Ки-Мун го покани папата Фрањо да одржи говор во седиштето на ОН во Њујорк. Папата Бенедикт XVI во април 2008 година одржа говор на Генералното собрание на ООН.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<