На празникот Собор на Пресвета Богородица и Светото Семејство епископот Стојанов служеше во Радово

На празникот Собор на Пресвета Богородица и Светото Семејство епископот Стојанов служеше во Радово

На вториот ден од Божиќ, 8 јануари 2024 година, кога Црквата литургиски сиспомнува на Соборот на Пресвета Богородица и Светото семејството, Н:В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх, служеше света архиерејска Литургија во парохиската црква „Свети Пророк Илија“ во Радово.

На светата Литургија сослужуваа протојереј ставрофор отец Зоран И. Стојанов, Декан на деканатот Свети Кирил и Методиј, директор на Македонски Каритас и ректор на светилиштето во Паљурци, пархот отец Илија Стојанов, капеланот во Радово отец Атанас Сирачев и струмичкиот капелан отец Трајче Ташев.

На евхаристиското славење покрај верниот народ присуствуваше директорот на Комијата за односи со верските заедници и религиозни групи м-р Даријан Сотировски, министерот за внатрешни работи г-дин Оливер Спасовски и началникот на СВР Струмица г-дин Кирил Арапов.

Во својата проповед епископот Стојанов најпрво ги поздрави присутните честитајќи им го празникот Рождество Христово – Божиќ, а потоа се осврна на Светото Семејство кое е поттик за денешните семејства и воедно модел од кое можат и треба да бараат помош и застапништво.

Епископот Стојанов зборуваше и за опасностите со кои се соочуваат денешните семејства со цел да се намали нивната улога и значење во општеството, но истакна исто така дека семејството е загрозено и по неговото природно значење и смисла. Во семејството кое е според Божјиот идеал се случува неповторливо заедништво, во кое поединецот ја наоѓа својата цврста заштита, а општеството својата основа, нагласувајќи дека камен-темелник на секое семејство е Господ Исус Христос кој самиот посака да се роди во семејство – рече епископот Стојанов.

Зборувајќи за улогата на Марија и Јосиф, семејство кое беше според Божја мерка, рече дека Светото семејство е неопходен модел за секое семејство кое сака да го исполни своето послание во светот.

На крајот од проповедта монсињор Стојанов повика на молитва за семејствата за да бидат знак и сведоштво во светот во кој живееме и да го градат своето семејство според Божјата мерка, за да можат да го преобразат овој свет воспитувајќи ги децата според примерот на Светото Семејство.

Светата Литургија заврши со многолетствие и божиќна претстава подготвена од веронаучните групи од парохијата „Свети Пророк Илија“ Радово.

к.мк

повеќе фотографии на Facebook

Категорија: Вести, Македонија

За авторот