На празникот Пресвета Троица бискупот Стојанов служеше во Ајтерфелд/Германија

На празникот Пресвета Троица бискупот Стојанов служеше во Ајтерфелд/Германија

Во недела 26 мај 2024 година Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов служеше понтификална света Литургија во парохиската црква „Свети Ѓорги“ во Ајтерфелд, бискупија Фулда. Со бискупот концелебрираа парохот отец Маркус Блумел, монсињор Рајнолд Кирхер и отец Гоце Костов. На почетокот парохот Блумел го поздрави бискупот Стојанов искажувајќи ја својата радост за неговото присуство.

На почетокот од проповедта бискупот Стојанов најпрво се заблагодари на парохот Блумел за поканата, како и благословот на бискупот од Фулда Михаел Гербер за дадената можност за ова евхаристиско славење на празникот Пресвета Троица.

Осврнувајќи се на евангелските зборови за денешната Литургија: „Крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!“, како и на символот на верата: „Верувам во Бога Отецот Семоќниот, Создателот на небото и земјата… и во Исус Христос, неговиот единороденец… верувам во Светиот Дух“, епископот зборуваше за таинството на Светата Троица истакнувајќи дека: „Еден е Бог, а во Бога има три божествени личности: Отецот, Синот и Светиот Дух“. Една е Божјата природа, Божјата суштина, Божјото немерливо битие и живот, а три се на кои им припаѓа истата таа природа, суштина и живот. Секое лице е Бог, и само еден Бог – тоа е тајната на нашата вера, вечно несфатливата вистина за нашиот дух.

Во продолжение бискупот Стојанов истакна дека сме должници на Бога, пред се за нашите животи, сите сме создадени од Несоздадениот според неговиот „образ и подобие“ и дека нашата душа и битие се образ на нашиот Бог и додаде: „Сликарите, уметниците, ги потпишуваат сликите што ги направиле. Бог се потпиша на нашата душа, нашето битие. Дали сме свесни за тоа?“

Осврнувајќи се на човечката учтивост да се искаже „благодарност“ за некој дар, бискупот Стојанов праша дали на Бога сме му кажале „благодарам“ за дарот на животот, дали сме благодарни на Бог Отецот за создавањето или пак го навредуваме Бога, дали нашата валкана рака веќе го избриша лицето на Отецот од нашата душа, го избриша неговиот потпис?

На крајот од проповедта потсети дека христијанинот е живеалиште на својот Бог и целиот на наш живот мора да биде во името на Отецот и Синот и Светиот Дух во сите наши денови.

Во име на црковниот одбор госпоѓа Буте во знак на благодарноста за светата Миса на епископот Стојанов му подари крст, изработка на локален уметник.

Ватикан њуз/к.мк

 

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот