На празникот Свети великомаченик Димитриј Солунски, среда 8 ноември 2023 година во истоимената црква во Сарај, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх служеше света Архиерејска Литургија по повод патрониот празник, на која сослужуваа свештеници од Струмичко – скопска епархија и Скопска бискупија.
Покрај верниот народ од парохијата Сарај и Чанаклија, присуствуваа Сестри Евхаристинки и верници од околните парохии.
На почетокот од својата проповед епископот Стојанов ги поздрави присутните и воедно заблагодари на парохот отец Ванчо Назов на поканата да ја предводи оваа Света Архиерејска Литургија. Потоа се осврна на Евангелието во кое Исус навестува што ќе се случи со учениците откако Исус ќе замине, како ќе се справат со претстојното непријателство и омраза на светот? (…) Имено Исус ги предупредува своите ученици за светот кој ги мрази и прогонува. Како што Исус беше прогонуван, затоа што народот не го познава Отецот со кого е обединет, така ќе ги прогонува и учениците затоа што не го познаваат Исуса, со кого се обединети.
Во продолжение епископот Стојанов истакна дека светот во суштина се покажува како начин на размислување и делување заснован на егоизмот при што истакна дека оној кој сака да ја живее вистината, слободата и љубовта ќе доживее омраза и ќе биде маргинализиран затоа што го разоткрива и уништува „системот“ по кој живее светот, додавајќи дека христијанската заедница ако не трпи тешкотии треба да биде загрижена и рече: Човек треба да се запраша дали нејзиниот мир не е pax perniciosa (деструктивен мир), резултат на пактот со светот? Од ставот на Исус, кој не побарал примирје или лажен мир со светот кој е под власта на таткото на лагите, гледаме дека за оној што сака да биде Бог, заканата не е непријателство на светот и неговите прогони, но неговите лаги, неговото заведување кое сака да го фати човекот да се предаде на начинот на кој живее светот“.
Истакнувајќи ја Исусовата намера, владиката Стојанов рече дека Исус сака своите ученици да ги идентификува со себе и она што се случува со Него, дека сето тоа ќе се случи и на неговите ученици. Исусовиот пат, но и патот на учениците, нагласи епископот Стојанов, е прогонство и отфрлање, но и слушањето на Неговото Слово при што рече дека секогаш ќе има такви кои ќе го прифатат и чуваат Исусовото слово, но и ќе го навестат, како што впрочем беше и со Исус.
На крајот од проповедте упати честитки до сите кои го носат името на денешниот светец и великомаченик Димитриј Солунски и рече: Свети Димитриј нека се застапува и за нас пред Господа Бога за да бидеме и ние неустрашиви Христови борци и навестители на Христовото слово дури и по цена на нашиот живот, а за возврат слушнавме Бог таквите ги наградува со вечна слава и вечна радост во своето Царство.
По завршување на светата архиерејска Литургија парохот отец Ванчо Назов се заблагодари на епископот Стојанов за архиерејската Литургија и упатеното Слово, како и на присутниот верен народ, поканувајќи ги на агапе.
Ватикан њуз/к.мк