На Ангел Господов Папата повика за единство на христијаните

Во својот во недела 25 јанаури 2014 година папата Фрањо истакна дека христијаните мора да жеднеат за животот, слободата и единството и повика на учество во завршното литургиско славење на Молитвената осмина за единство на христијаните вечерва во базиликата Свети Павле надвор од римските ѕидини.

Папата Фрањо објасни дека во Божјото срце се соединува Божјата и човечката жед, а тоа е жедта за вистинската вода, но и жедта за исполнување на животот по ослободувањето од злото и желбата за единство на сите. Таа Исусова жед станува и наша жед. Во сигурноста дека Христос е со нас и дека нè поддржува со силата на Светиот Дух, Папата ги повика верниците да се молат и да се заземаат за постигнување на потполното единство на Христовите ученици. Таа молитва ја довери на застапништвото на Блажена Дева Марија, Христова Мајка и Мајка на Црквата.

Осврнувајќи се на денешното Евангелие во кое Марко опишува како Исус во Галилеја го започнува своето јавно делување и повикува рибари за да станат рибари на души, Светиот Отец рече дека Бог сака да ја угаси нашата жед и објасни дека Исус Христос е живо и верно Слово во историјата. Кој го слуша и следи ќе постигне Царство небесно. Он е вистинска вода на Божјите ветувања која го нахранува нашето суво срце. Нашите срца копнеат за живот, љубов, мир и слобода. Тие жеднеат за Бог.

Се осврна и на одбележувањето на Светскиот ден на болните од лепра и ја изрази својата близина на сите оние кои боледуваат од таа страшна болест и се заблагодари на оние кои се грижат за нив како и на оние кои настојуваат да ја истребат лепрата, а тоа значи создаваат услови за живот достојни за човек.

Папата испрати телеграма до епископите во Малави чии јужни подрачја се погодени со тешки поплави кои предизвикале 200 смртни случаи. Папата изразува надеж дека меѓународната заедница великодушно и ефикасно итно ќе ги преземе потребните чекори за да се ублажат маките на преживеаните бездомници.

На плоштадот Свети Петар во Ватикан денес беа собрани многу млади од Италјанската католичка акција од разни училишта и институции со пријателите. Двајца од нив пред папата Фрањо прочитаа писмо во кое изразуваат желба за мир, кој во последно време е сѐ повеќе загрозен.

Ние младите заеднички сѐ повеќе откриваме дека можеме да бидеме важно средство за изградба на мирот. Ако тоа средство погрешно се користи може лесно да се скрши и да донесе непосакувани плодови, објаснија младите на Италјанската католичка акција, кои пред тоа заедно со викарот на Римската бискупија кардинал Агостино Валини поминаа низ римските улици. Папата им се заблагодари и ги поттикна да продолжат со тоа одење на христијанска радост носејќи го по светот Христовиот мир.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот