Во ерата на глобализација, истакна постојаниот набљудувач на Светиот Престол во ОН, некои станаа „граѓани на светот“, други „граѓани на ништо“, „како што покажува феноменот на миграција“.
Постојаниот набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации, надбискупот Габриеле Кача, ја истакна важноста од промовирање на социјалната правда и глобализирана солидарност на Форумот на ОН за култура на мирот, одржан во петок, 2 август 2024 година, во Њујорк.
Во однос на темата на форумот „Развивање и негување култура на мир за сегашните и идните генерации“, тој ги издвои вистината, правдата, добрината и слободата како клучни начела кои мора да поттикнат заедничка посветеност за „негување и растење“ на културата на мирот „на сите нивоа во општеството“.
Останува „императив“, потсети надбискупот, да се признае внатрешното достоинство на секој поединец. Од оваа перспектива, Светиот Престол повторува дека „децата стекнуваат разбирање за општото човечко достоинство“ дадено од Бога „во семејството, особено во образовниот процес“.
Понатаму, треба да се промовира социјалната и економската правда, односно да се решаваат проблемите на сиромаштвото, гладот и нееднаквоста, како и „глобалната солидарност“. Во ерата на глобализација, истакна постојаниот набљудувач на Светиот Престол во ОН, некои станаа „граѓани на светот“, други „граѓани на ништо“, „како што покажува феноменот на миграција“.
Затоа, надбискупот Кача упати поттик сите поединци да „можат слободно да ја изразат својата вера или уверување“, да ги следат стремежите и да учествуваат во општеството: слобода што не треба да се сфати како „потрага“ по лични интереси, туку како „давање на себеси на другите“ за општо добро.
Ватикан њуз/к.мк