Монголија го очекува својот прв свештеник

Една од најмладите и најмалите католички заедници во светот, Апостолската префектура Улан Батор во Монголија, наскоро треба да го добие првиот свештеник од монголскиот народ.

Како што пренесува AsiaNews, Јосеф Енки Батар би требало да биде ракоположен на 28 август оваа година во катедралата свети Петар и Павле во главниот град на Монголија, Улан Батор. Со тоа тој ќе стане првиот домашен свештеник откако Монголија ја стекна својата независност.

Малата заедница, која брои околу 700 верници, радосно ја дочека веста за ракополагањето на Енки Батар, кој заврши богословија во Јужна Кореја.

„Енки покажа дека е многу стрплив и дисциплиниран, успевајќи да се подготвува толку долго во странска држава“, изјави еден од парохјаните. Друг, пак додаде: „Еден од нас ќе успее! И ако го направи тоа, некој друг ќе го следи неговиот пример.“

Станува збор за голема работа тоа што монголскиот народ ќе добие домашен свештеник. Свети Максимилијан Колбе токму во недостатокот на домашни свештеници ја гледаше причината зошто Католичката вера во Азија никогаш немала подлабоки корени.

Монголија има околу 2,7 милиони жители, а мнозинска релгија е ламаизмот, облик на будистичко учење карактеристичен за Тибет и пределите околу Хималаите.

к.мк/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот